„Да градиш иднина дома“: Охридските претприемачи со порака до младите да ги реализираат своите идеи

Сопствен бизнис, професионален развој и можност за успех во родниот град. Како се гради претприемачка приказна, со какви предизвици се соочуваат оние што решиле да работат за себе и зошто младите не треба да се откажуваат од своите идеи? Ова беа дел од темите на четвртата конференција за младинско претприемништво „Да градиш иднина дома“, во организација на Младинскиот центар Охрид.

Локални претприемачи ги споделија своите лични и професионални искуства, зборувајќи за почетоците, предизвиците и одлуките што ги донеле на патот кон успехот. Нивната заедничка порака е дека за да се изгради сопствен бизнис се потребни храброст, истрајност, посветеност и љубов кон професијата.

„Целта е да ги охрабриме младите да пробаат нешто свое да направат, да размислуваат на идеи, да не се откажуваат по првиот неуспех, секако, бидејќи на крај, кога ќе го гледаме резултатот на нешто брендирано, некој бренд, лесно е да кажеме дека лесно се успева. Мислам дека е важно да ги слушнат приказните од нив, како поминале низ некои предизвици, како тоа го надминале. И на некој начин да се инспирираат, можеби некоја приказна и да размислуваат што би можеле заедно да направат. И крајната цел е да ги задржиме младите дома, нешто што многу нè погодува како охриѓани“, изјави Јован Цветкоски, претседател на Младинскиот центар Охрид.

Еден од учесниците на конференцијата беше Марко Трајкоски, претприемач во угостителството, чиј професионален пат започнал уште во тинејџерските години во Италија. Таму го изучувал кулинарскиот занает, а потоа искуството го надградувал и во поголеми градови, меѓу кои Венеција и Милано. Иако имал можност да продолжи да ја гради кариерата во странство, одлучил да се врати во Охрид и да создаде сопствена претприемачка приказна во градот од кој потекнува неговото семејство.

„Мојот занает, јас пошто сум растен во Италија, таму го учев. Страста кон кулинарството уште од мали нозе, мислам, сум ја имал, гледајќи ја како уметност. И почнав на 15-16 години таму да работам. После стана повеќе и од тоа, па продолжи кариерата, па отидов малце од моето мало градче, отидов по поголеми градови, како Венеција, како Милано, таму поработив малце и континуирано се растеше во кариерата“, изјави Трајкоски.

Одлуката да се врати во Охрид, како што раскажа, се родила при една посета на градот. Тогаш почнал да размислува зошто она што може да се постигне во странство да не биде возможно и во родниот град, доколку постојат желба, посветеност и љубов кон работата.

„Еден ден дојдов на одмор во Охрид и реков: оттука биле моите предци. Кога Италијаните можат да направат и од мало село нешто врвно и да го љубат, да го почитуваат, зошто и јас, како потомок на Македонци, да не можам дома да бидам успешен?“, изјави Трајкоски.

За Ивана Пешликовска, основачка на IP Interior Design, сопствениот бизнис носи задоволство и можност за професионално остварување, но и бројни предизвици што треба да се надминат. Таа смета дека е важно сопствените искуства да се споделуваат со младите кои сакаат да започнат бизнис, за полесно да ги препознаат можностите, но и да бидат свесни за трудот што го бара претприемништвото.

„Убаво е чувството кога развиваш сопствен бизнис. Не е лесно. Нормално, се соочуваш со многу предизвици и потешкотии за време на градењето на еден бизнис. Меѓутоа, сепак најдобро е да работиш за себе и чест ми е денеска што сум тука и што можам да го пренесам моето искуство на оние кои што сакаат да основаат бизнис и да ги инспирирам со мојата приказна“, изјави Пешликовска.

Таа упати порака до младите да имаат храброст да ги направат првите чекори и да не се откажуваат од идеите пред воопшто да се обидат да ги реализираат. Според неа, љубовта кон професијата е важен мотив за започнување сопствен бизнис, но неопходно е идејата да се преточи во конкретни чекори.

„Мојата порака е да бидат храбри. Значи, идејата која што ја имаат за бизнис да започнат да ја реализираат, бидејќи додека не пробаат не можат да знаат дали нештото би успеало и вреди да се проба ако си има љубов кон таа професија“, изјави Пешликовска.

За важноста на трудот и одговорниот однос кон работата говореше и Филип Малезанов филигранист, кој на идните претприемачи им порача дека успехот не зависи само од тоа дали некој има сопствена компанија или е самовработен, туку и од односот кон работата што ја избрал.

„На идните претприемачи би им препорачал никогаш да не бегаат од работа, да не се срамат од работа и не мора да сте бизнисмени или самовработени за да бидете горди на тоа што го работите. Секоја работа и секој труд се исплаќаат. Секое уживање се наплаќа. Исходот и времето како ќе го искористите е апсолутно на вас“, изјави Малезанов.

Четвртата конференција за младинско претприемништво „Да градиш иднина дома“ уште еднаш го отвори прашањето за можностите што младите ги имаат во сопствената средина и за важноста од поттикнување претприемачки дух. Преку личните приказни на луѓе кои веќе го изоделе патот до сопствен бизнис, младите добија можност да слушнат за предизвиците, одлуките и мотивите што стојат зад секој професионален успех.

Заедничката порака на учесниците беше дека не треба да се чекаат совршени услови за да се започне, туку да се верува во сопствените идеи, да се работи посветено и да се истрае и кога патот не е лесен. Со ваквите средби, Младинскиот центар Охрид настојува да ги охрабри младите да ги развиваат своите потенцијали, да создаваат нови можности и да ја градат својата иднина во родниот град.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани