Дигитален водич низ стариот Охрид, десет знаменитости достапни со скенирање QR-код

Десет значајни знаменитости во старото градско јадро на Охрид се опфатени со нов дигитален туристички водич, кој на посетителите им овозможува брз и едноставен пристап до информации за културното и историското наследство на градот. Водичот е достапен на пет јазици, а преку QR-кодови поставени на пет локации туристите можат да ја отворат дигиталната мапа, да ги разгледаат знаменитостите и самостојно да ја организираат својата тура.

Проектот е поддржан од Општина Охрид преку Секторот за туризам и локален економски развој, а неговата цел е да се искористат современите дигитални алатки за полесно информирање на посетителите и за промоција на културното наследство на градот.

„Станува збор за дигитален водич на нашиот град, односно на стариот дел на Охрид. Реализацијт5р ата на проектот започна пред неколку години, а идејата произлезе од еден претходен проект со млади луѓе од Охрид. Тогаш увидовме дека тие многу подобро се снаоѓаат со дигиталните содржини, користењето дигитални мапи и истражувањето информации за знаменитостите низ градот. Така ја развивме идејата, го подготвивме креативниот дел, а со голема поддршка од Општина Охрид и Секторот за туризам и локален економски развој, кој го финансира проектот, денес можеме да се радуваме на неговата промоција пред охриѓани и пошироката јавност“, изјави Надица Николовска Филипоска.

Дигиталниот водич е достапен на македонски, германски, англиски, француски и турски јазик. На пет локации во градот се поставени табли со QR-кодови, преку кои посетителите можат да пристапат до мапата и до информациите за знаменитостите. Употребата на водичот е бесплатна, а тој е наменет и за индивидуални туристи и за туристички групи.

„Водичот е достапен на пет јазици: македонски, германски, англиски, француски и турски. Со тоа им се овозможува на посетителите и туристите од повеќе држави полесно да го користат и подобро да се запознаат со Охрид. Целта е на гостите да им се овозможи полесен пристап до сите туристички атракции што ги имаме во градот, преку дигитална алатка приспособена на современото време. Водичот е целосно бесплатен и достапен за сите“, изјави Александра Маркоска Томоска претседател на  здружението „Виел Сциенце“ – Охрид.

Засега се опфатени десет поважни точки во стариот дел на градот, но проектот е замислен да се надградува и проширува со нови содржини. Во план е воведување дополнителни туристички тури, како и можност за додавање нови јазици, со што би се опфатиле и други знаменитости и би се одговорило на потребите на посетителите.

Поддршката на ваквите иницијативи, според локалната самоуправа, е дел од заложбите за унапредување на културната и туристичката понуда на Охрид и за примена на дигиталните технологии во промоцијата на градот.

„Овој проект е поддржан од страна на локалната самоуправа на Општина Охрид. Ваквите и слични проекти се навистина важни и треба да ги има во поголем број. Како Општина Охрид, секогаш ќе ги поддржуваме проектите што ги унапредуваат културата и туризмот. Преку програмата за локален економски развој ги поддржуваме ваквите иницијативи, особено затоа што придонесуваат за промоција на градот и на туристичките локалитети што посетителите можат да ги видат“, изјави Перчо Божиновски претседател на Советот на Општина Охрид.

Тој посочи дека дигиталните алатки овозможуваат брз и едноставен пристап до информации за позначајните локации, а повеќејазичната содржина е особено важна за странските туристи.

„Во оваа ера на дигитализација, ваквата алатка овозможува на брз и едноставен начин туристите да се информираат за позначајните локации опфатени со водичот. Особено е добро што водичот е достапен на пет јазици, со што се овозможува полесно информирање на туристите од различни земји. Кога ќе пристигнат на самата локација, посетителите ќе можат да ги прочитаат и информациите што се внесени за неа“, изјави Божиновски.

Со воведувањето на дигиталниот водич, посетителите добиваат можност самостојно да го истражуваат старото градско јадро и да се запознаат со неговите знаменитости на начин приспособен на современите туристички навики. Планираното проширување на содржините треба дополнително да ја збогати понудата и да придонесе за поголема видливост на културното наследство на Охрид.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани