Еден тон пилешки желудници и 55 килограми месни подготовки во кои бил употребен овој производ се запленети и уништени при вонредни инспекциски контроли во месарници во Струга и Охрид, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Од Агенцијата информираат дека станува збор за производ чиј увоз и употреба во исхраната на луѓето се забранети уште од јули 2024 година. Забраната се однесува и на употребата на пилешките желудници во производството на месни подготовки и месни производи.
Против две месарници во кои биле откриени неправилности се преземени соодветни прекршочни мерки.
Од АХВ посочуваат дека вонредните инспекциски контроли се дел од засилените активности за спречување на нелегалната трговија со овој вид производи и заштита на потрошувачите.
„Со цел обезбедување висок степен на заштита на јавното здравје и интересите на потрошувачите, Агенцијата во јули 2024 година донесе решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудници наменети за човечка исхрана“, наведуваат од АХВ.
Одлуката била донесена по анализа на ризиците од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината во исхраната. Како потенцијални опасности се наведуваат можноста за контаминација со патогени бактерии и вируси, како и присуството на токсини.
Од Агенцијата потсетуваат дека и при инспекциските контроли спроведени пред воведувањето на забраната биле откриени случаи на злоупотреба и измама на потрошувачите од страна на неколку месни индустрии.
Решението за забрана било донесено врз основа на резултатите од анализата на ризик и тогашните инспекциски наоди.
