Струшката полиција откри сопственик на фирма кој три години затајувал данок и го оштетил буџетот за близу 4 милиони денари. Тој заработил кривична пријава.
Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „даночно затајување“, полициската станица од Струга до надлежното Основно јавно обвинителство, поднесе кривична пријава против К.Ш.(59) од струшкото село Ложани и против правно лице Трговско друштво за угостителство, трговија и услуги „Шуми-81“ Струга ДООЕЛ.
-Пријавениот, како управител на правниот субјект, во текот на 2012, 2013 и 2016 година со намера да одбегне плаќање на данок, не пријавувал дополнителни приходи остварени од угостителски услуги, со што давал лажни податоци за неговите приходи и приходите на правното лице. На тој начин, пријавениот одбегнал плаќање на данок на додадена вредност, данок на добивка и персонален данок, со што го оштетил буџетот на Република Македонија за вкупно 3.899.058,00 денари, информира Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид..