По повод Денот на ослободувањето на Охрид беше организирана изложба под наслов 55 години од првата самостојна изложба на уметникот Славко Упевче. пред пристуните за творештвото на познатиот охридски сликар, хроничар на градот Охрид говореше Славе Ѓорго Димоски.
-Вечерва низ една хоризонтала и вертикала ќе ги врземе педесет и петте години сликарско творештво на маестро Славко Упевче, еден од најзначајните и врвовите на македонското современо сликарство и да споменам дека општина Охрид по овој голем повод му оддава значајно признание на уметникот. Од ателјето на Славко Упевче во изминатите пет и пол децении излегоа мноштво слики во различни техники но со единствен е оригиналниот сликарски јазик преку кој ја зачувал и ја чува старата охридската архитектура, која денес е само носталгичен повев по оној автентичен Охрид. Својот сликарски љубопитен дух и широкиот интерес за родниот град Славко Упевче маестрално го распостила низ миговите кои се во дослух со просторот и со времето: просторот е Охрид, а времето е она што останало од некогашните охридски фасади. Неговите слики ги гледам од мој агол, од поетски агол, а од тој агол излегува онаа топлина што сите уметници ги грее, а таа се вика потрага по неповратното, потрага по оној блесок што останал во мозочните клетки како чип што отвора подруги простори, вон возраста што ја имаме сега и вон она поразителното што го гледаме денес, влезени во железото и во бетонот, а нешто длабоко во нас говори дека сме излезени од душата на каменот, дрвото и варта. Излезени сме од душата на традицијата, излезени сме од самите себе, а сме влезени во железните решетки на бездушноста, грубоста и импровизацијата. Сликите што ги гледаме на оваа изложба го покажуваат деценискиот труд на нашиот сограѓанин – уметник, а неговите дела се живи пулсирања во просторот на градскиот дух и во просторот на охридската околина, така создавајќи ја сопствената животна и творечка вселена. Станува збор за уметник кој суверено владее со својот и се движи низ својот уметнички свет. Упевче не е некој апстрактен експериментатор, туку е амбиентален уметник кој при својата работа следи сопствен концепт и затоа секоја нова слика само ја надополнува претходната, а со тоа полека го заокружува мозаикот на донекаде веќе непостоечкиот Охрид. Неговата секогаш прецизна рака ја изразува и неговата оригиналност. Затоа погледнете ја оваа ретро изложба за да си ја отворите душата како што би рекол Рацин „блазе речи на душата /има зошто душа да е“. Ние го имаме Славко Упевче, ние го имаме човекот што ја зачувал и што ја чува душата на овој древен град. Видете ги неговите пастелни носталгични звуци и слушнете го денешниот бетонски реквием на Охрид, рече Димоски.
ФОТОГАЛЕРИЈА на Анета Вркоска Јованоска