Охрид повторно ќе живее во знакот на културата, традицијата и уметноста. На 12 септември 2026 година, од 19:00 до 23:00 часот, во стариот дел на градот ќе се одржи настанот „Охрид – Град музеј | Ноќ на музеите“, во организација на Културолошката иницијатива „5 до 12“.
Во рамки на четиричасовната културна програма, посетителите ќе имаат можност да посетат 12 локации и да се запознаат со различни сегменти од охридското културно и историско наследство, преку изложби, демонстрации, дегустации, работилници и уметнички настапи.
Програмата започнува од Долна порта, која е предвидена како место за средба, а потоа посетителите ќе можат да ги проследат активностите на повеќе локации долж улицата „Цар Самоил“.
На „Малезан Филигран“ ќе биде претставена традицијата на филигранството преку демонстрација, додека во Култура 365 / Музеј А. Ден Долард ќе биде поставена музејска поставка. „Концепт XI“ ќе понуди сувенири и дегустација на вино, а во Куќата на Робевци ќе може да се погледне изложбата „Охрид – Свето таинство“ од Зоран Вељаноски – Летра.
Програмата продолжува во Музејско-културниот центар „Лапидариум“ со изложбата „Охрид низ фотографии“, додека Куќата на Уранија – МАНУ ќе биде домаќин на изложбата „Уште една средба со светлината“, со дела од Јордан Манасиески и Галерија „Букефал“.
Посетителите ќе можат да ја посетат и Спомен-куќата на Христо Узунов, каде што ќе бидат претставени поставка и писма, како и работилницата за стара хартија на Љупчо Паневски, каде ќе се демонстрираат процеси поврзани со занаетот и традицијата.
Во ателјето „Трон“ ќе се претстави охридската резба преку демонстрација и изложба, додека во Вила „Пупин“ – Сараиште програмата вклучува вино, вински подрум и настап на ВИС „Билјана“.
Посебно место во програмата имаат и охридските бисери „Филеви“, со презентација и демонстрација, а завршницата е предвидена во црквата „Св. Софија“, со ликовна изложба, коктел и музичка програма со опера и пијано.
„Ноќ на музеите“ е замислена како можност Охридското културно наследство да се доживее поинаку – низ вечерна прошетка низ стариот град, со отворени врати на културни простори, занаетчии, уметници и чувари на традицијата.
Настанот се реализира со поддршка на Општина Охрид и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.
