Охриѓани заедно се изборија и ставија крај на неправдата и безредието кое урбаната мафија сакаше да го направи со нелегална градба на хотел во туристичката населба Лагадин.
Нелегалната градба на хотел во елитната туристичка населба Лагадин во последниве години претставува можеби и единствениот пример кој покажа како влијанието на граѓаните, граѓанскиот сектор, медиумите можат да делуваат врз донесување на одлуките на градската власт.
Имено одлучни и храбри во својот став да го заштитат недопреното парче природа во месноста Лагадин, од граѓанската иницијатива „ Охрид СОС“ формирана за спас на Охридско езеро од еколошки катастрофи, укажаа дека во срцето на туристичкиот бисер се подига нелегална градба која е во заштитените 50 метри од брегот на езерото, што пак тука Законот изричито забранува градби од траен карактер. Мила Ивановска, жител на оваа населба вели дека директно е засегната од оваа градба, додавајќи дека прво своите забелешки ги упатила до инвеститорот
„Му објаснив на Никола дека не може со сила да влезе во туѓ имот…тој рече не е тоа туѓ имот… дека тоа е во негова сопственост…денес бев во општина ми рекоа дека тоа не е во ничија сопственост ќе видиме со документацијата што е до каде е започнавме и правна постапка денес.Колците се поставени може да се види метар и половина, нема никаков план, не сме никако известени ниту писмено ниту било како, освен пред три дена ова што го доживеавме. Проблем е тоа што тука нас ни поминува канализација и ако тој почне да руши долу автоматски ние ќе имаме проблем во куќата и нема да може да се живее“ – вели Иваноска.
Дополнително граѓни се пожалаа дека бесправната градба навлегува во приватен имот на соседните парцели, ископот урнал тераса на соседен објект, а во внатрешноста на куќите од неколку соседи се појавиле и пукнатини. Како проблем плус се наведува и колекторскиот систем за кој што мештаните посочија дека не може да издржи уште еден хотел бидејќи и во моментов е преоптоварен па во лето се случува фекалии да се излеат во езерото. Бројните апели, петиции и претставки поднесени од страна на соседите во местото, како и граѓанските иницијативи, вродија со плод така што инспекторатот за животна средина ги потврди констатациите дека, хотелот не смее да се гради на помалку од 50 метри од највисокиот водостој на езерото, што пак укажа оти, ново одобрение за градење на наведената локација е невозможно. Во прилог на барањата на „Охрид SOS“ граѓанска иницијатива е и известувањето од Министерството за транспорт и врски во кое се вели:
„Земајќи ги во предвид извештаите и информациите од коордираниот инспекциски надзор во кои се констатирани повеќе непрaвилности во постапката за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин – Општина Охрид како и во постапката на издавање на одобрението за изградба на предметниот хотелски комплекс, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на Република Македонија до Општина Охрид упати барање со укажување одобрението за градење да се поништи“.
Изградбата на хотелот почна на крајот на 2016 година и покрај бројните апели, предупредувања и петиција против таква градба потпишана од 99 отсто жители на Лагадин. После долга и неизвесна борба за спас на Охридското Езеро, охриѓани ја добија неколку месечната битка против изградба на хотел во Лагадин во заштитениот појас на Охридско езеро. Сепак јавноста мора во преден план да знае дека единиците на локалната самоуправа треба да работат во интерес на граѓаните, а граѓаните имаат право да влијаат на одлуките на локалната самоуправа, да барат отчет и да учествуват во одредување на приоритетите при трошење на буџетските средства . Исто така добро е граѓанинот да знае и кои се причините за преголемата моќ на администрацијата. Тоа е застојот во спроведувањето на реформите и закочената децентрализација, недефинираниот статус на месната самоупрва како и лошите и непрецизни решенија за можностите граѓаните непосредно да влијаат на одлуките на локалната администрација кои задираат директно во нивниот живот и егзистенција.
Овој текст е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на влијанието на граѓаните при одредување на приоритетите на ЕЛС“ на Форум ЦСИД, поддржан од проектот WeBer – Проект за креирање на овозможувачка околина во земјите од Западен Балкан за мониторинг на реформите на јавната администрација од страна на граѓанското општество, финансиран од ЕУ.

