Психијатрите предупредуваат: Насилството е во пораст во светски рамки

Насилното однесување е во пораст не само во Македонија, туку и во светски рамки. Психијатрите предупредуваат дека насилството е сложен општествен проблем, кој најчесто не е поврзан со психичко растројство, туку со несоодветни модели на однесување, влијанијата од околината и злоупотребата на алкохол и психоактивни супстанции. Според експертите, клучни за негово спречување се превенцијата, правилното воспитување и навременото препознавање на агресивното однесување.

„Насилството не е болест, туку негативен општествен феномен, кој најчесто е поврзан со неадекватно однесување, а многу поретко со постоење психичко растројство“, посочува проф. д-р Славица Арсова-Хаџиангелковска, директорка на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје.

Таа предупредува дека постои предрасуда оти луѓето со психички нарушувања се најчестите извршители на насилство, но нагласува дека тоа не е така. Кај адолесцентите, насилното однесување често е поврзано со нарушено поведение, додека кај возрасните може да биде поврзано со определени карактеристики на личноста, а неретко и со злоупотреба на алкохол и психоактивни супстанции.

Последиците од насилството се сериозни и се одразуваат врз физичкото и менталното здравје, како на жртвите, така и на пошироката заедница. Особено ранливи се жените, децата, постарите лица и лицата со телесни или ментални нарушувања.

Насилството, сепак, не се сведува само на физички напади. Навредувањето, омаловажувањето, постојаното критикување и игнорирањето, исто така, можат да остават длабоки последици, особено кај децата и младите. Моделите на однесување што ги гледаат во семејството и во непосредната околина можат да влијаат врз начинот на кој ги градат односите со другите и ги решаваат конфликтите.

Според проф. д-р Антони Новоти, претседател на Македонската психијатриска асоцијација, секој човек носи агресивни импулси, но важно е како се справува со нив. Стресот, општествените состојби и случувањата во светот можат да создадат дополнителен притисок, поради што се особено важни здравите модели на воспитување и промовирањето на добрината и меѓусебното почитување.

„Се смета дека ментално здравите луѓе, условно кажано, можат да се справат со сопствената агресија, која сите ја носиме во себе. Но, за жал, општеството и сето она што се случува глобално, но и во нашата држава, недоволно создаваат услови за поинакво воспитување, за промовирање на добрината и на убавите човечки односи“, посочува Новоти.

Психијатрите сметаат дека превенцијата мора да почне уште од најрана возраст. Неопходни се едукација на родителите и воспитниот кадар, рано препознавање на однесувањето што отстапува од вообичаениот развој и соодветна поддршка за децата и младите. Наместо изолација и етикетирање, потребно е да им се помогне да ги контролираат емоциите и агресивните импулси и да научат конфликтите да ги решаваат на ненасилен начин.

Справувањето со насилството бара и одговорност од институциите, соодветно санкционирање и пошироки општествени промени. Превенцијата, велат експертите, почнува во семејството, продолжува во образовниот систем и бара вклучување на целото општество.

Овие прашања се меѓу темите што ги отвораат и експертите на меѓународната конференција за форензична и затворска психијатрија, која се одржува во Охрид, со учество на повеќе од 270 учесници од земјава и странство.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани