Денеска во Тирана во рамките на Дримскиот процес, работната група за Мониторинг и размена на информации составена од официјални преставници на 5-те држави од Дримскиот басен, почна со разгледување и усвојување на сет мерки и студии за воспоставување на заеднички Систем за управување со информации (Information Management System- IMS) .
Овој систем треба да овозможи државите во Дримскиот Басен да разменуваат податоци во прифатлива архитектура и рамка.
-„Влегуваме во фаза на донесување на одлуки и препораки. Размената на податоци помеѓу државите е круцијален дел од управувањето со целиот Дримски Басен и Езерата и од носењето на одлуките. Ние ги подготвивме студиите и сега преставниците на државите треба да препорачаат кои податоци ќе се разменуваат, на каква платформа и во каков формат. Да се обезбеди размената на податоци меѓу 5 држави е исклучително комплициран процес, но без тоа нема ни заштита, ни менаџирање на водните ресурси“, информира Дејан Пановски Координатор во Тимот за Дримскиот Процес.
Инаку Дримскиот процес е поддржан од ГЕФ Дримски Проект во чии рамки досега се изготвени тематски студии за институционалната поставеност, за биодиверзитет, за социоекономија, загадување и за хидрологија на Дримскиот Басен. Сето тоа ќе биде основа за изработката на Прекуграничната Дијагностичка Анализа на басенот и Стратешкиот Акционен план. Во истите рамки отпочнати се и низа проекти меѓу кои е и изработката на Планот за управување со интегралниот слив на Охридско Езеро.