Владата на Република Македонија на вчерашната седница ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од ре-прогласување на Охридско Езеро и прогласување на Студенчишко Блато за заштитени подрачја и нивно номинирање во Светската Рамсарска Листа.
Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со општините Охрид, Дебрца и Струга да изнајдат финансиски средства за изготвување на Студија за валориазција на природни вредности за Охридско Eзеро и за апликација за номинација на Охридско Eзеро и Студенчишко Блато во Светската Рамсарска Листа.
Рамсарската конвенција е „Конвенција за водните живеалишта од меѓународна важност, особено за водните птици“) — меѓународен договор за заштита и одржливо користење на водните живеалишта (моклишта) со цел да се спречи нивното уништување и да се нагласи нивната еколошка стопанска, културна, научна и рекреативна вредност. Наречена е по градот Рамсар во Иран, каде е потпишана во 1971 г. Македонија има две рамсарски места: Преспанското и Дојранското Езеро. Во 1994 г. е основан и Македонскиот рамсарски комитет.
