Св. Еразмо Охрид со први роботски операции на колено: Изведени три ендопротези

Историски чекор во развојот на ортопедијата во јавното здравство – во ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ Охрид за првпат се изведени роботски навигирани операции за поставување тотална протеза на колено.

Во болницата се реализирани три роботски ендопротези на колено кај пациенти од регионот. Операциите ги изведоа комбинирани тимови од ортопеди, анестезиолози и медицински персонал од „Св. Еразмо“, предводени од проф. д-р Константинос Макридис од Грција.

Во тимот учествуваа ортопедските хирурзи спец. д-р Огнен Шешоски, спец. д-р Атанас Поп-Стефанија, спец. д-р Александар Стевоски, спец. д-р Стефан Бакаловски и д-р Дамјан Танески, анестезиологот спец. д-р Александар Веслиевски, анестезиолошкиот техничар Елизабета Мурџоска, инструментарките Јулијана Николеска Целеска и Наташа Иваноска и болничарот Тони Димитриески.

Со воведувањето на роботски навигирани операции, „Св. Еразмо“ се вбројува меѓу пионерите во примената на роботската хирургија во ортопедијата во земјава. Станува збор за технологија која претставува значаен тренд во развиените здравствени системи.

„Ми претставува особено задоволство да ја информирам јавноста дека за прв пат во нашата институција ЈЗУ „Св. Еразмо“ Охрид тимот ортопедски хирурзи предводени од проф. д-р Макридис изведува роботски навигирани операции на колено, поточно поставување тотална протеза на колено, со што нашата институција влегува меѓу пионерите на роботската хирургија во полето на ортопедијата во Република Македонија“, изјави спец. д-р Хари Шокаровски, директор на болницата.

Тој посочува дека воведувањето на ваквите достигнувања е во насока на следење на современите стручни и технички достигнувања во медицинската наука и унапредување на здравствената грижа за пациентите.

Од „Св. Еразмо“ упатуваат благодарност за поддршката до Министерството за здравство, министерот Сашо Клековски и Владата на Република Северна Македонија.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани