Тврдењето со кое САД се инволвира во приказна за намерно ширење птичји грип е руски дезинфо наратив

Внимателно прегледување на сè што е досега објавено на оваа тема јасно укажува на фактот дека тврдење за намерно заразени птици од страна на Пентагон во актуелната војна во Украина е само дел од рускиот дезинформациски наратив со цел да се оправда нивната инвазија од 24.02.2022 г.

 

Пост на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека САД намерно заразуваат птици преселници со птичји грип, кој бил 40 отсто смртоносен за заразените за да шират смртоносни болести меѓу луѓето. Ваквото тврдење не се заснова на никакви докази и факти и е дел од руските дезинформации насочени против САД и Украина.

Каква врска има Пентагон со испитување на отпорноста на лекарства против птичји грип (кој е 40% смртоносен за заразените) кај населението во Донбас и можно насочување на преселничките летови на птиците кои би биле претходно “случајно” заболени ?
Муабетчиско е прашањето, стои во објавата која ја анализираме.

Прво, во постот не е наведено на кого се однесува тврдењето дека птичјиот грип бил 40 отсто смртоносен за заразените, дали на луѓето или птиците. Ако се мисли на луѓето, тоа не е точно.

Епидемијата на птичји грип почна да се шири на глобално ниво во 2020 година.

Птичјиот грип е респираторно заболување кај птиците предизвикано од вируси на инфлуенца А. Вирусите се класифицирани во две категории: вируси на птичји грип со ниска патогеност и високопатогени вируси на инфлуенца, од кои вториот е исклучително смртоносен за заразената живина.

Ризикот од птичји грип кај луѓето е низок, но сојот Х5Н1 уби 458 луѓе од 874 случаи во изминатите 20 годинисоопшти Светската здравствена организација.

Тврдењето дека САД обучуваат и намерно заразуваат птици за да шират смртоносни болести меѓу луѓето е дел од познатиот руски наратив на кој му претходеа неосновани тврдења и обвинувања дека САД произведуваат био-оружје во Украина.

Тврдењето дека САД намерно заразуваат и обучуваат птици се појавува од 2022 година и е само едно од многуте лажни тврдења кои Русија ги понудила за да ја оправда својата тековна инвазија на Украина, вклучително и неоснованото тврдење дека украинските власти извршиле геноцид врз етничките Руси.

Како што пренесува Њузвик, генерал-мајорот Игор Конашенков, главниот портпарол на Министерството за одбрана на Руската Федерација, зборувал за овој заговор во ноември 2022 гоодина во интервју за РИА Новости, ТВ медиум контролиран од руската влада.

Конашенков тврдел дека американските сили планирале да заразат птици со вид на грип Х5Н1 што може да се шири „со стапка на смртност од 50 отсто“, како и со болеста Њукасл.

Њукасл болеста е заразна, фатална болест на птиците која влијае на респираторниот, нервниот и дигестивниот систем, според Министерството за земјоделство на САД.

Емитувањето на РИА Новости, наводно, вклучувало мапи, документи и фотографии од птици кои го носат грбот на САД. Конашенков рече дека руските воени власти заробиле и некои од заразените птици од таканаречениот резерват Керсон во Украина.

Соединетите држави накратко се обидоа да обучат гулаби да водат бомби кон високо специфицирани цели во обидот од Втората светска војна наречен „Проект гулаб“, но птиците никогаш не биле користени на бојното поле и проектот бил откажан во 1953 година, според Смитсонијан, националниот музеј на американската историја, пишува Њузвик.

Тврдењето на Конашенков дошло по неоснованото тврдење на Русија дека Пентагон финансирал и експериментирал со „коронавирус на лилјаци“ за да создаде биолошко оружје во Украина во кое се вклучени птици, лилјаци и влекачи.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент ова тврдење го нарече „целосна лага“ и „тотална глупост“, додавајќи:

Овие тврдења се отфрлени дефинитивно и постојано во текот на многу години.

Портпаролот на Пентагон Џон Кирби ги опиша наводите како „апсурдни“, „смешни“ и „пропаганда“. Прес секретарот на Белата куќа, Џен Псаки, исто така, ги нарече тврдењата „глупави“, пишува Њузвик.

Русија би можела да ги користи тврдењата за да постави основа за хемиски или биолошки напад, изјави Псаки, додавајќи дека тврдењето на Русија за био-оружје е само најновиот руски обид за дезинформација со цел да ја оправда нејзината инвазија на Украина.

Наводите на Конашенков претходно во март 2022 година ги изнел и постојаниот руски претставник во ОН, Василиј Небензја, нагласувајќи дека птиците, лилјаците и инсектите, кои наводно требало да шират болести, ќе ја преминат западната граница на Украина, пренесе Гардијан.

Ве повикуваме да размислите за многу реална биолошка опасност за луѓето во европските земји, што може да резултира од неконтролирано ширење на био-агенси од Украина. И ако има такво сценарио, цела Европа ќе биде покриена. Ризикот од ова е многу реален со оглед на интересите на радикалните националистички групи во Украина кои се покажуваат кон работата со опасните патогени, спроведена заедно со Министерството за одбрана на Соединетите држави, рекол Небензја.

Високиот претставник на Обединетите нации за разоружување, Изуми Накамицу, изјавил дека ОН „не се свесни за никакви програми за биолошко оружје“ во Украина и посочил дека постои официјален канал за владите да изразат каква било загриженост за прекршување на конвенцијата за биолошко и токсично оружје, барајќи забрана за нивна употреба.

Како одговор на тврдењата на Небензја, неколку земји-членки на Советот за безбедност предупредиле дека тоа би можело да биде кампања за дезинформации пред планираниот руски напад во Украина.

Намерата зад овие лаги се чини јасна и е длабоко вознемирувачка. Веруваме дека Русија може да користи хемиски или биолошки агенси за атентати како дел од инцидент со лажно знаме или за поддршка на тактички воени операции, рече Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ОН, пренесува Гардијан.

Од сето ова можеме да заклучиме дека нема никакви докази и наводи дека САД намерно заразуваат птици и потоа ги обучуваат за да заразуваат луѓе. Ваквите тврдења се дел од рускиот наратив искажан уште лани на кој му претходеа лажните вести за наводни био-лаборатории на Пентагоон во Украина.

Според тоа, постот кој го анализираме го оценуваме како невистинит.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани