Новиот регионален план за отпад ќе ги опфати Југозападниот регион до 2032 година

Во Битола денеска се одржа втората работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот регион, на која во фокусот беа напредокот во воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад и подготовката на новиот Регионален план за управување со отпад за периодот 2027–2032 година.

На седницата беше презентирана и дискутирана нацрт-верзијата на планот, во која се утврдени приоритетите за следните шест години. Тие опфаќаат унапредување на инфраструктурата, селекција на отпадот, затворање на ѓубриштата и нестандардните депонии, како и обврските што ќе ги имаат општините во периодот на имплементација.

Дел од планот е и поголемото вклучување на граѓаните и граѓанските организации во регионалниот систем за управување со отпад, како и подобрување на комуникацијата со јавноста.

На работната седница се разговараше и за статусот и планираните активности поврзани со клучните проекти во регионот. Меѓу нив се регионалниот центар за отпад и обиколниот пат во Новаци, претоварните станици, набавката на возила и опрема, методологијата за новите тарифи за отпад и формирањето на регионалното комунално претпријатие.

Посебен акцент беше ставен на собирањето и обработката на податоците за количините на отпад што се создаваат и собираат во општините.

Со одлука на Меѓуопштинскиот одбор, платформата „Регион без отпад“ е утврдена како регионална платформа за систематско собирање податоци за отпадот. Преку неа ќе се следат проценетите количини на создаден и собран отпад, но и измерените количини од сертифицираните ваги на одобрените мерни локации.

Утврдени се и фактори за конверзија, со кои треба попрецизно да се утврдат реалните количини на мешан комунален отпад во килограми. На тој начин општините ќе добијат поцелосна слика за состојбата и ќе можат одлуките во планскиот период да ги носат врз основа на конкретни и релевантни податоци.

На седницата е донесена и одлука за изработка на стратешка оценка за влијанието врз животната средина на Регионалниот план за управување со отпад 2027–2032. Оценката треба да ги утврди потенцијалните влијанија од спроведувањето на планот врз животната средина и, доколку е потребно, да предложи алтернативни решенија за нивно избегнување или намалување.

Целта е преку планираните мерки да се обезбедат подобри услови за управување со отпадот и поголема заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.

На работната седница присуствуваа и претставници на граѓанскиот сектор. Одборот ја потврди определбата граѓанските организации да бидат вклучени во процесот на регионално планирање и во понатамошната имплементација на планот.

Работата на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад е поддржана преку проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска и спроведуван од SALAR International.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани