Македонските аеродроми продолжуваат со двоцифрен раст на патничкиот авиосообраќај. Во првите девет месеци од 2026 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид опслужиле вкупно 3.331.685 патници, што е 29 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Во периодот од јануари до септември реализирани се вкупно 22.147 летови, односно 10 проценти повеќе во однос на првите девет месеци од 2025 година.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, оценува дека резултатите се потврда за позитивниот тренд во македонската авијација. Според него, растот се должи на ангажманот на аеродромските работници, Владата, авиокомпаниите и останатите чинители во воздухопловниот сектор.
Курт посочува и дека според рангирањето на ACI-Europe, Северна Македонија во август била вториот најбрзо растечки авијациски пазар во Европа.
Најголемиот дел од сообраќајот отпаѓа на скопскиот аеродром. Во првите девет месеци тој опслужил 3.065.692 патници, што претставува раст од 29,07 проценти, додека биле реализирани 20.081 летови, или 8,46 проценти повеќе од истиот период лани.
На Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, пак, во периодот јануари-септември се регистрирани 265.993 патници, што е раст од 26,76 проценти, а бројот на летови достигнал 2.066, односно 27,06 проценти повеќе на годишно ниво.
Од Скопје, најфреквентна дестинација е Истанбул, со 13,5 проценти удел во патничкиот сообраќај, при што се земени предвид двата аеродрома во Истанбул – ИГА и „Сабиха Ѓокчен“. Следуваат Базел-Милуз со 4,4 проценти, Минхен со 4,1, Дортмунд со 4 и Цирих со 3,8 проценти.
Меѓу авиокомпаниите, најголем удел има Wizz Air со 63,8 проценти, пред Pegasus Airlines со 9,4, Turkish Airlines со 4,6, Ajet Airlines со 3,5 и Austrian Airlines со 3,4 проценти.
Охридскиот аеродром, пак, најголем патнички сообраќај остварил кон Братислава, со удел од 14,4 проценти. Следуваат Базел со 12,5, Дортмунд со 12,4, Меминген со 11,7 и Цирих со 8,7 проценти.
Во Охрид, најголем удел има Wizz Air со 70 проценти, а потоа Chair Airlines со 8,7, Turkish Airlines со 5, TUI со 4,6 и TUI UK со 3 проценти.
Растот на воздушниот сообраќај годинава е проследен и со проширување на мрежата на дестинации. Во летниот распоред, кој започна на 29 март и трае до крајот на октомври, од Скопје летаат 15 авиокомпании кон 54 редовни дестинации, а седум авиокомпании опслужуваат 24 чартер-дестинации.
Од Охрид, осум авиокомпании летаат кон 17 дестинации – 14 редовни и сезонски и три чартер-дестинации.
Во 2026 година од двата македонски аеродроми се воведени и 10 нови дестинации. Од Скопје тоа се Неапол, Будимпешта, Палермо, Алгеро, Трабзон и Самсун, додека од Охрид се воведени линии кон Милано, Виена, Вроцлав и Катовице.
Според податоците на Меѓународниот совет на аеродроми – Европа, ACI-Europe, растот на македонскиот авиосообраќај е меѓу највисоките на европскиот континент. Во август, Северна Македонија била рангирана како втор најбрзо растечки авијациски пазар во Европа, со годишен пораст од 34,8 проценти.
Од пазарите надвор од Европската Унија, зад Северна Македонија следуваат Црна Гора со раст од 28,6 проценти и Албанија со 20,7 проценти.
Од ТАВ Македонија очекуваат позитивниот тренд и двоцифрениот раст на авиосообраќајот да продолжат, со натамошно подобрување на услугите и искуството на патниците на двата македонски аеродрома.
