Градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, информира дека до Основното јавно обвинителство во Охрид поднел кривична пријава против поранешниот директор на Јавното комунално претпријатие Дебрца.
Според Сиљаноски, пријавата се однесува на, како што наведува, сериозни индиции за злоупотреба на службената положба и заобиколување на Законот за медиуми.
Градоначалникот во објава на социјалните мрежи посочува дека со поднесувањето на пријавата сака да ги информира надлежните институции за наводни противзаконски дејствија од минатото и, како што наведува, да ја заштити општината.
Сиљаноски додава дека документите што ги доставил до обвинителството, според него, укажуваат на определени пропусти во работењето на претходното раководство на јавното претпријатие.
За наводите изнесени во пријавата, конечен став треба да дадат надлежните институции по спроведувањето на постапката.
