Македонскиот јазик, литература и култура и годинава ќе бидат во фокусот на меѓународната македонистичка јавност. Во Охрид започнува 59. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Школата ќе се одржува од 19 август до 2 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, а свеченото отворање е закажано за 20 август напладне.
Традиционално, Летната школа во Охрид е место каде што се среќаваат македонисти, слависти, преведувачи, професори и студенти од различни земји, со заеднички интерес – македонскиот јазик, литература и култура.
Програмата опфаќа лекторска настава по македонски јазик, предавања и содржини од областа на македонската литература и култура, а дел од активностите се реализираат и низ амбиентална настава и културни посети.
Минатогодишната, 58. Летна школа, во Охрид собра околу 60 странски македонисти и слависти од 16 земји, што уште еднаш го потврди значењето на оваа школа како важен центар за изучување и меѓународна афирмација на македонистиката.
По завршувањето на Летната школа, на 3 и 4 септември во Охрид ќе се одржи и 53. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ.
Со децении, Охрид е местото каде што во летните месеци се среќаваат оние кои македонскиот јазик го изучуваат, истражуваат и го пренесуваат во светот.
