Како требаше да изгледа хотелот Палас во центарот на Охрид? Зошто познатиот светски ланец луксузни хотели, брендот Радисон во 2004 најави рестартирање на Палас , а потоа се откажа?
– „Пред некоја година дојдов до информација дека хотелската компанија Radisson SAS билa со намера да го превземe менаџерството со затворениот и запуштениот Хотел Палас во Охрид. Информацијата звучеше доста необично и не и обратив многу внимание. Се до пред некој ден кога одлучив да проверам дали податоците се точни. Не беше тешко на интернет да се најде официјалното известување на Radisson SAS за нивните планови со хотелот.
Нацрт за реновирањето на хотел Палас од страна на Radisson SAS.

Во информацијата од 2004 година генералниот директор на Radisson SAS, Курт Ритер, кажува дека компанијата е горда за нивната одлука да инвестираат 25 милиони евра во Палас. Со инвестицијата хотелот ќе се претвори во ексклузивен ресорт со 140 соби од кои 12 ќе бидат апартмани, два базени, неколку ресторани, сали за конференции и како што кажува Курт Ритер со фантастичен поглед кон езерото. Спрема плановите на Radisson SAS хотелот требаше да биде отворен во 2006 година.
Но тоа, како што е познато, не се оствари. Према истите извори од кои ја добив информацијата за плановите со хотелот причините што Radisson SAS се откажа од својата намера беше изградбата на зградата лево од Хотелот Палас. Претставниците на Radisson SAS тоа го третирале како прекршок на договорот, погледот кон езерото и стар град бил ограничен и уникатната позиција и простор изгубени.
Јас се обидов да добијам одговор од Radisson SAS дали горе наведените податоци се точни но тие не беа заинтересирани да коментираат, за нив Охрид повеќе не е актуелен.
Инвестицијата на Radisson SAS ќе беше баш она што му беше потребно на Охрид -присуството на една таква компанија ќе беше мотор кој ќе привлечеше и други интернационални хотелски компании како и чартер оператори. Во тој случај проектот за изградба на хотел на јужната страна на Горица сигурно ќе се реализираше. Исто така сигурно ќе имаше други заинтересирани за изградба на нов хотел на просторот каде се наоѓаше хотелот Парк наместо огромната зграда што сега е изградена и која потполно ја наруши природната езерска линија.
Во меѓувреме ние и понатаму ќе се “воодушевуваме”и “гордееме” од неосветлениот и напуштен Хотел Палас додека охридкиот туризам не само што тапка во место дури и назадува ако се земи во предвид кои туристи му се потребни на градот“, пишува Јован Христовски за Охриднет.ком.
Ова е официјалната објава на Радисон во 2004 година:

Инаку Радисон групацијата има 380 хотели секаде низ светот и се смета за еден од најдобрите хотелски брендови.
