Час по историја и општество посветен на родниот град

Во пресрет на 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид, учениците од IV-1 одделение во ООУ „Кочо Рацин“ одржаа тематски час посветен на родниот град, неговото наследство и идниот развој.

Во рамки на наставната тема „Средината во која живеам“, по предметот Историја и општество, нивен гостин беше претседателот на Советот на Општина Охрид, професорот Перчо Божиновски.

Часот започна со рециталот „Охрид – вечен бисер“, преку кој учениците ја изразија љубовта кон родниот град и ја истакнаа неговата убавина, богатство и културно наследство.

Потоа следуваше интервју во кое учениците имаа можност директно да разговараат со Божиновски, да поставуваат прашања и да дознаат повеќе за неговата работа, надлежностите на Советот, функционирањето на локалната самоуправа, развојните предизвици и потребите на градот.

Средбата им овозможи на најмладите охриѓани да го искажат своето мислење и да разберат дека и тие имаат важна улога во иднината на заедницата во која растат.

Часот беше заокружен со творбата „Мојот град“ на ученикот Лука Лазаров, исполнета со детска искреност и љубов кон Охрид.

Од училиштето посочуваат дека преку ваквите активности учениците не само што стекнуваат нови знаења, туку ја развиваат и свеста за припадност, одговорност и почит кон родниот град.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани