38 литри дожд во Охрид и охридско, поплави во делови од градот а алармантна е состојбата во Косел и Опеница.
Во изминатото деноноќие, според мерењата на УХМР, во Охрид наврнат е воден талог од 38 литри на метар квадратен.Обилниот и пороен дожд предизвика поплавувања на некои делови од Охрид. Најзагрозени се делови од Стар град посебно куќите и угостителските објекти на улицата „Коста Абраш“ како и поголемиот дел од булеварот „Железничка“. Таму, во вода и кал се приземните простории на повеќе куќи. Сепак, после поројните дождови, најалармантна е состојбата во Косел и Опеница. Таму поплавите уништија домови на повеќе жители на овие села, под вода се куќите и покуќнината на жителите. Тие, синоќа и утрово се обидувале да спасуваат дел од покуќнината. Денеска на овие загрозени подрачја се наоѓаат екипи на Центарот за управување со кризи, на Дирекцијата за заштита и спасување како и вработени со дел од механизацијата на јавните претпријатија. Сите екипи се обидуваат да ги санираат последиците но и да ги чистат каналите со цел да се избегнат поголеми поплави на подрачјето.
