Во Струга денес ќе има јавна дебата на тема „Реформи во јавните набавки со посебен осврт на Нацрт-текстот на Законот за јавни набавки“.
Целта на новиот Закон за јавни набавки е да ја зајакне транспарентноста и контролата на постапките, а во исто време да ги направи поедноставни и полесни за имплементација, рече министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски, на првата јавна дебата за Законот која денеска се одржа во Стопанска комора на Македонија.
Законот се воведува задолжителна обврска за објавување на договорите и останатата документација од секоја поединечна јавна набавка на Електронскиот систем за јавни набавки. Намерата е јавноста да има целосен увид во документацијата од јавните набавки.
Со новиот Закон се вградуваат и забелешките на Европската комисија и домашната стручна јавност во поглед на електронските аукции. Во минатото, како што објасни Тевдовски, задолжителните електронски аукции дале добри резултати во некои случаи, но во одредени постапки довеле до незаконско договарање на понудувачите и пораст на цените во отсуство на вистинска конкуренција.
– Со новиот Закон, електронските аукции остануваат, но опционално, конзистентни со европските правила и пракса. Се стеснува употребата на негативните референци согласно укажувањата на деловната заедница и увидените слабости од досегашната пракса. Се зголемуваат праговите за примена на Законот и се разјаснува начинот на вршење на малите набавки. А, се воведува и обврска за известување за малите набавки, изјави неодамна министерот Тевдовски.
Ќе се воведе електронски пазар на мали јавни набавки. Тој ќе биде во вид на електронски каталог, што ќе овозможи брзо и ефикасно решавање на набавките од мала вредност кои се едноставни по својата природа.
Во Законот се воведува и претходна контрола што ќе ја врши Бирото за јавни набавки. Предмет на претходната контрола ќе бидат поголемите јавни набавки, како и набавки одбрани по одредени принципи и ризици утврдени во Законот.
Согласно Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2018 – 2021, новиот Закон за јавни набавки треба да биде усвоен од страна на Собранието до октомври годинава, а да започне да се применува од јануари следната година.
