По големиот пожар кој минатата година ја зафати Галичица, покрај големиот број на доброволци кои активно се вклучија во гасењето на истиот, голем број на општествено одговорни компании и граѓани од целата држава, понудија помош и обезбедија завидна количина на храна и пијалаци за волонтерите кои постојано беа на терен.
-Уште поважно со донирање на средства се изврши набавка на опрема која во иднина значително ќе ја олесни работата на волонтерите од нашето здружение, Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА од Охрид и Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид.Изразуваме јавна благодарност до Велосипедскиот клуб Лихнидос од Охрид на чија иницијатива беше обезбедена вредна донација која се состои од: 13 грбни прскалки за гасење на пожар и 6 мобилни уреди за радио комуникација, пишуваат од Здружението на љубители и подржувачи на Н.П Галичица.

Велосипедскиот клуб оваа донација ја обезбеди преку Ecrowd.mk за што сме низмерно благодарни на сите граѓани кои донираа средства преку оваа платформа. Дополнително донација на опрема е обезбедена и од општествено одговорни субјекти од Охрид. Тоа се: 10 грбни прскалки за гасење пожар, 10 мобилни уреди за радио комуникација и лична опрема за членовите на здружението.
