Семинаристи од универзитетските центри од Албанија, Англија, Бугарија, Италија, Полска, Народна Република Кина, Романија, Канада, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република се во Охрид за да ги продлабочат своите познавања и проучувања за македонскиот јазик, литература и култура. Меѓу нив и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и нови посветеници на македонистиката коишто искажуваат подготвеност да остварат влог во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна дека луѓе од целиот свет се собрани тука во Охрид за да зборуваат македонски…
– Со македонистиката, македонскиот јазик и македонскиот идентитет се согласуваат или стануваат дел од нас многу филолози, лингвисти, македонисти…Во 21 век науката мора да се темели врз докази. Затоа го кренав Абеседарот и постојано велам, ако сто години има од Абецедарот печатен во Атина пред сто години, кој го побара и кој го доби тоа во Грција – Лигата на народите. Отворете го Абеседарот и прочитајте внатре – јасно е, рече таа.
Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, рече дека македонскиот јазик е еден од 230 кодифицирани јазици на лингивистичката мапа на светот.

– Негирањето на македонскиот јазик е пред се проблем на оние кои го негираат. Тој постоел и постои…Со целиот свој научен потенцијал УКИМ бил и ќе биде поддршка на се она поврзано со македонскиот стандарден јазик. Со сите свои активности, со лекторатите, Меѓународниот семинар, со Меѓународната конференција, УКИМ јасно покажал дека стои и ќе стои зад се она што значи промоција на македонскиот јазик надвор од границите на нашата држава, рече таа.
За директорката на Семинарот, Кристина Николовска, лекторатите по македонски јазик, литература и култура на УКИМ претставаат институции од врвен национален и интернационален приоритет.
– Најголема потврда за македонскиот јазик е афирмацијата на македонистиката, домашна и странска, особено таа река од седум илјади македонисти низ светот што постојано се шири и афирмира и ги носи основните постулати на светиклиментовата Охридска книжевна школа… рече таа.

Семинаристите учесници на Школата со престојот во Охрид ќе можат на праизворите на сесловенската и македонската писменост и култура, да ги запознаат македонската книжевност, традиција и култура преку изучување на раскошниот македонски јазик, во срцето на древниот, вековен, прекрасен и фасцинантен град Охрид, град на УНЕСКО.
