Промоција на стихозбирката ,,Стихотворенија, за него”

Вчеравечер се одржа промоцијата на дебитантската стихозбирка ,,Стихотворенија, за него” на младата поетеса од Охрид, Марија Наумоска, студентка на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески” – Скопје на Катедрата за македонска книжевност и култура. Настанот се одржа во Шила, а промотор на стихозбирката беше проф. д-р Трајче Стамески од Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески” во Скопје. Промоцијата беше збогатена со музичка точка во изведба на Драгана Јовановска, студентка на ФМУ и Дамјан Наумоски, ученик од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ – Скопје. Поезијата ја интерпретираше Стефани Савеска, ученичка од ОСУ ,,Св. Климент Охридски” – Охрид.

Водителка на настанот беше Ана Голабоска, студентка на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески”, на Катедрата за македонски јазик, а фотографијата на младата фотографка Нина Ангелоска од Охрид, го овековечи настанот.

,,Стихотворенија, за него“ носи свежина во современата македонска поезија. Книгата содржи 50 песни проследени со 50 илустрации чиј автор е проф. м-р Елена Додевска.

,,Особена карактеристика на збирката е дијалогот со македонската љубовна традиција, особено со поезијата на Блаже Конески и Ацо Шопов, како и интегрирањето на структурните и звучните вредности инспирирани од Влада Урошевиќ и интимната длабочина на Матеја Матевски. Сепак, во неа универзалните љубовни топоси добиваат современа интерпретација, што ги прави блиски и релевантни за денешниот читател.

Особено, преку женскиот поетски глас, кој се артикулира како автономен, дискурзивен медиум, каде што желбата, интимноста и духовноста се обединуваат во поетскиот чин. Според тоа, ,,Стихотворенија, за него” на Марија Наумоска е дебитантска збирка што со зрелост и автентичност се вклучува во современите поетски текови.” – вели проф. д-р Стамески.

,,Со објавувањето на мојата прва стихозбирка, јас открив и дел од мене, дел којшто не мислев дека еден ден би излегол од моите четири ѕида.” – вели Наумоска.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани