Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) не дозволи влез на околу 50 тони небезбедна храна на македонскиот пазар, откако при контроли на граничниот премин Ќафасан биле утврдени сериозни неправилности.
Официјалните ветеринари забраниле увоз на 27 тони говедско мелено месо со потекло од Парагвај, поради тоа што, според проверките во информативниот систем и документацијата, месото потекнувало од објект кој не е одобрен од АХВ. Со тоа не биле исполнети основните безбедносни стандарди за увоз, а постоеле и сомнежи за здравствената исправност на производот.
Минатата недела инспекторите за храна стопирале и пратка од 22 тони ореви од Казахстан, поради несоодветно означување и отстапки од пропишаните критериуми за квалитет и безбедност. Целата количина е вратена во земјата на потекло и не е дозволен нејзин пласман на македонскиот пазар.
Контролите на увозот на храна ќе продолжат со засилено темпо, со цел да се спречи внесување на небезбедни производи.
Од АХВ апелираат до увозниците строго да ги почитуваат законските регулативи и стандардите, нагласувајќи дека заштитата на здравјето на граѓаните останува врвен приоритет.
