Охрид преполн со туристи, но со послаба куповна моќ

Колони возила на градските улици, преполни тераси, редици во маркетите и раздвижени плажи. Ваква е сликата деновиве во Охрид, кој веќе го живее шпицот на летната туристичка сезона. Од раните утрински часови па до доцна навечер, градот пулсира во ритамот на летото. Најбројни се домашните гости и туристите од земјите од регионот, но сè повеќе има посетители и од Холандија, Англија, Полска и Турција, кои престојот во градот го користат за одмор, прошетки и уживање во убавините на Охридското Езеро.

Сепак, иако атмосферата остава впечаток на успешна сезона, угостителите велат дека бројот на туристи не секогаш значи и поголема заработка. Посетители има, но нивната куповна моќ е послаба, па за подобри резултати, велат, неопходно е освојување нови туристички пазари и постојано збогатување на понудата.

„Мислам дека пазарот се заситува од една одредена дестинација. Треба да се прават истражувања и да се промовираат Македонија и Охрид и на други пазари, кои се, условно кажано, „свежи“ и ќе донесат нова енергија. Секако, треба да се инвестира и во промоција на земјите од кои туристите доаѓаат тука повеќе години. Но, секоја година треба да се нудат нови програми, нови понуди, за дестинацијата да остане атрактивна“, вели АСИМ ЧЕЛИК  туристички работник

Туристичките работници велат  најголемиот туристички бран допрва се очекува, а сезоната се очекува да трае до крај на септември.

„Сезоната, генерално, тече во добар правец. Очекуваме пикот на сезоната допрва да започне. Полека се полниме и со домашни и со странски гости и очекуваме максимумот на сезоната допрва да дојде. Се надеваме дека ќе започне што поскоро и ќе трае што подолго“,  Марко Тасески, туристички водич и бродар.

Покрај прошетките низ стариот дел на градот и културно-историските знаменитости, сè поголем интерес кај туристите има и за пловидбите по Охридското Езеро. Најбарани се панорамските тури, но сè почесто посетителите избираат и подолги или индивидуално креирани прошетки, прилагодени на нивните желби.

„Најголем интерес има за кратките прошетки што ги организираме околу стариот дел на Охрид. Но, барани се и целодневните тури – од Охрид до Свети Наум, како и од Охрид кон Струга и Калишта“,  Марко Тасески, туристички водич и бродар.

Според очекувањата на туристичките работници, најголемата раздвиженост допрва следува. Традиционално, во деновите пред и по Илинден, Охрид го достигнува врвот на летната сезона. Тогаш градот е домаќин на бројни концерти, културни настани и забавни манифестации, а се очекуваат илјадници домашни и странски гости, кои и ова лето ќе го исполнат туристичкиот центар на брегот на Охридското Езеро.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани