На 15 август 2026 година, во рамките на одбележувањето на 30 години од Општина Вевчани, во Мултикултурниот центар во Вевчани беше промовирана книгата „Вевчани – родови, потомци и судбини“, животно дело на Анастас Ќушкоски, автор кој нашироко ги промовира културното наследство и историјата на Вевчани. Книгата е објавена во рамките на едицијата „Македонски родослови“.
Промоцијата беше збогатена со фотоизложба на истиот автор, Анастас Ќушкоски, насловена „Вевчани – приказна која трае“. Фотографиите се застапени и во самата монографска книга.
Книгата ја промовираа проф. д-р Мирјана Алулоска Мирчевска и вевчанскиот хроничар, поет, писател и публицист Мишо Китаноски.
Проф. д-р Мирјана Алулоска Мирчевска, која воедно е и рецензентка на книгата, во своето обраќање рече:
„Издавањето книга со родослов на едно населено место, како што е Вевчани, со долгогодишно постоење, фактографски материјал кој завлегува во повеќе општествени и хуманистички области и науки, систематизиран по фамилии и проследен до седмо колено наназад, е од исклучително значење.“
Книгата е поделена во три истражувачки целини. Во првиот дел се обработени темите: Вевчани како населба, доселувања и миграции, родови и презимиња, поделба и карактеристики на одделни родови, миграциските процеси и нивното влијание врз родовите, презимињата на исчезнатите или иселените семејства, како и влашките родови и семејства и Ромите (Еѓупци – ковачи). Со тоа книгата добива и научна вредност.
Вториот дел од книгата е посветен на генеалошкиот приказ на одделни родови од Горна и Долна Маала, приказот на печалбарите и лицата со други занимања, како и на темите обработени преку поднасловите: список на домаќинства од Долна и Горна Маала, кулучари и роднокрајни писатели и други уметници.
Третиот дел содржински е претставен преку поттемите: „Сликопис на животот“ (фотографии), „Поговор за родот и породот“ и „Библиографија“, преку насловите: фондови и збирки, сеќавања, книги и списанија. Најпосле, книгата завршува со библиографија.
Промоторот, хроничарот на Вевчани, поет, писател и публицист Мишо Китаноски, се задржа конкретно на ликот и делото на авторот Анастас Ќушкоски, кој, меѓу другото, рече:
„Преку текст со прекрасен наратив на искусен истражувач и пишувач, преку катастарски, црковни, матични и други извори, усни сведоштва и лични знаења за темата, фотографии и семејни документи кои нудат многу повеќе информации, авторот Анастас – Наце успеал во ова авторско дело да направи тоа да премине во семејна хроника. Родословот на Вевчанци не е само запис за потеклото на вевчанските семејства, туку реконструкција на социјалната, културната и демографската структура на локалната заедница низ времето. Книгата е вредна не само за денешните жители, туку и за идните истражувачи. Податоците што денес изгледаат како семејни информации, по 50 или 100 години можат да претставуваат исклучително значаен историски и етноантрополошки извор.“
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
