Повеќе од 85 милиони евра за темелна реконструкција на студентските домови во земјава. Главен фокус е енергетската ефикасност, намалување на сметките за електрична енергија но и заштита на животната средина. Проектот треба да обезбеди подобри услови за живот и учење за повеќе од 5.000 студенти и ученици, но и значително намалување на потрошувачката на енергија и емисиите на CO₂. Меѓу домовите што ќе се реконструираат е и „Никола Карев“ во Охрид.
Голема инвестиција во студентското сместување
Студентските домови во Северна Македонија влегуваат во голем процес на реконструкција. Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација опфаќа девет државни студентски домови, шест ресурсни центри за ученици со попреченост и еден ученички дом во Скопје.
Објектите се наоѓаат во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Струмица и Велес, а целта е да се обезбедат подобри услови за живот и учење за повеќе од 5.000 студенти и ученици.
„Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови се спроведува во нашата држава и е во вкупна вредност од 85,5 милиони евра“, вели Дамјан Стојковски од Министерството за образование и наука и Единицата за спроведување на проектот.
Од вкупната сума, 60 милиони евра се обезбедени преку два заеми од германската развојна банка KfW – 20 милиони евра во првата и 40 милиони евра во втората фаза. Дополнително, обезбедени се околу 21 милион евра грант-поддршка преку програмите на Европската Унија, како и средства од Министерството за образование и наука.
„Нашата цел е јасна – сакаме да создадеме современи, модерни и инклузивни образовни системи, затоа што секој студент, секој ученик, заслужува да има подобри услови за развој и образование“, посочува Стојковски.

Фокусот е енергетската ефикасност
Повеќето од студентските домови се изградени во 50-тите и 60-тите години на минатиот век и со децении чекаат темелна обнова. Исклучок е студентскиот дом во Битола, чија зграда има многу постара историја.
Реконструкцијата е замислена како целосен процес – од подобрување на енергетската ефикасност до обновување на санитарните и електричните инсталации, подобрување на безбедноста и уредување на заедничките простории.
Посебно внимание е посветено на сметките за енергија, кои претставуваат значителен трошок за студентските домови.
„Знам каква е состојбата со студентските домови. Јас, како некој што работи локално, ќе кажам дека овдешниот студентски дом е исклучително скап за студирање, токму поради тие огромни високи сметки“, вели Стојковски.
Проектот треба да донесе суштинска промена во начинот на кој функционираат објектите.
„Нашата суштинска цел е овие објекти во иднина да функционираат суштински поинаку, затоа што сметките што ги имаат ќе се преполоват“, додава тој.
Покрај намалувањето на потрошувачката, во дел од објектите ќе се применат и решенија за производство на енергија од обновливи извори.
„Воедно, ќе се постават и обновливи извори на енергија, преку кои самите домови ќе произведуваат електрична енергија, а емисијата на CO₂ значително ќе се намали.“

Европска поддршка за зелената транзиција
Проектот е дел од пошироката Регионална програма за енергетска ефикасност на Европската Унија, која комбинира грантови и техничка помош со заеми од развојни банки.
„Европската Унија обезбедува грантови за инвестиции и техничка помош, кои ги комбинира со заеми од банки. Станува збор за Германската развојна банка KfW и Европската банка за обнова и развој – EBRD“, објаснува Стефано Елеро, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.
Според него, ваквиот модел овозможува инвестициите да бидат поповолни за државите, а заштедите од намалената потрошувачка на енергија да помогнат во отплатата на заемите.
„Со комбинирањето на грантовите со заемите, финансирањето на инвестициите станува многу поповолно и поатрактивно за владите.“
Целта е потрошувачката на енергија во јавната инфраструктура да се намали за 50 проценти, со истовремено намалување на емисиите на CO₂.
„Значи, имаме цел да ја намалиме потрошувачката на енергија, но истовремено и емисиите на CO₂, кои негативно влијаат врз нашата клима“, вели Елеро.
Од Европската Унија оценуваат дека инвестицијата има двоен ефект – подобри услови за студентите и поддршка на зелената транзиција.

Инвестиција во услови за живот, но и во европските и зелените цели
Со програмата, Европската Унија, во партнерство со KfW и Министерството за образование, ја поддржува реконструкцијата на студентските домови и подобрувањето на нивната енергетска ефикасност.
„На овој начин, поддржувајќи ја Северна Македонија во напредокот на две од најважните политички агенди на земјата – пристапувањето во Европската Унија и зелената транзиција – испорачуваме конкретни и видливи резултати“, вели Оливер Јунгер, портфолио менаџер во KfW.
Јунгер потенцира дека резултатите треба да бидат видливи и за студентите и за целото општество.
„Имаме подобри услови за живот на студентите, енергетски поефикасни јавни објекти, намалена потрошувачка на енергија и почиста животна средина.“
Во четири студентски домови – во Охрид, Прилеп, Штип и „Томе Стефановски Сениќ“ во Скопје – обновата ќе се реализира според уште повисок стандард, близу до нивото на згради со речиси нулта потрошувачка на енергија.
Проекциите покажуваат дека по обновата, вкупната потреба за енергија по дом ќе се намали во просек за 56 проценти, а емисиите на CO₂ за 49 проценти. На ниво на целиот проект, тоа значи годишни заштеди од околу 7.700 MWh и 3.400 тони CO₂.
Во втората фаза од проектот е опфатен и студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид, каде наскоро се очекува да започнат реконструктивните активности.
Проектот се реализира во три фази, а третата ги опфаќа ресурсните центри и ученичкиот дом. Проектирањето за оваа фаза започна во април годинава, додека целосната реализација на проектот е предвидена до декември 2031 година.
„Тоа е нашата основна цел – преполовување на сметките и подобрување на условите во кои живеат студентите“, заклучува Стојковски.
