Во ОУ „Страшо Пинџур“ во Вевчани на 28 септември, со почеток во 10 часот, ќе се одржи информативно-културниот настан „Секој слушна за Еразмус+“, посветен на промоцијата на европските вредности и можностите што ги нуди програмата Еразмус+.
На настанот ќе присуствуваат директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, м-р Ана Михајлов, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија, предводени од евроамбасадорот Михалис Рокас.
Целта е европските можности и искуствата од образовните мобилности да се доближат до наставниците, образовните институции и јавноста во помалите и руралните општини.
ОУ „Страшо Пинџур“ и ЈУДГ „Планински Цвет“ од Вевчани сè уште не се активни корисници на програмата Еразмус+, па настанот ќе биде можност непосредно да се презентираат придобивките, искуствата и можностите за вклучување во европските образовни програми.
Најавено е присуство на раководствата и наставничкиот кадар од двете институции, градоначалникот на Општина Вевчани, како и претставници од соседни образовни институции од Охридско-струшкиот регион.
Програмата ќе биде збогатена и со културно-уметничка програма инспирирана од традицијата на Вевчани. Училишниот хор ќе ја изведе „Одата на радоста“, ќе биде претставено традиционално вевчанско оро во автентични носии и со традиционални песни, а предвидена е и дегустација на традиционални гастрономски специјалитети.
Настанот е дел од активностите за промоција на Еразмус+ и поттикнување на поголемо учество на образовните институции од локалните средини во европските можности за соработка и мобилност.
