Советот на Општина Охрид ќе ја одржи 15. седница

Петнаесеттата седница на Советот на Општина Охрид ќе се одржи на 30 септември 2026 година, среда, со почеток во 9 часот, во зградата на Општина Охрид.

На дневен ред е усвојувањето на записникот од 14. седница, како и повеќе предлог-одлуки поврзани со работата на општинските јавни претпријатија, урбанизмот и управувањето со општинскиот имот.

Советниците ќе расправаат за давање согласност на годишниот план за вработување на ЈП „Градски пазар“ – Охрид за 2027 година, како и за изменување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски комуналец“.

На дневен ред е и предлог-одлука за избор на најповолен приватен партнер за поставување фотоволтаични централи на општински објекти на подрачјето на Охрид.

Ќе се разгледуваат и предлог-одлуки за времено користење дел од деловен простор во сопственост на Општина Охрид од страна на Бирото за развој на образованието, како и за трајно користење сензори за мерење на исполнетост на контејнери и пренесување на правото на користење камиони за собирање смет на ЈП „Охридски комуналец“.

Во областа на урбанизмот, меѓу останатото, се предлагаат одлуки за донесување урбанистички проекти со план за парцелација во Косел и на туристичкиот локалитет Горица-Св. Стефан-Метропол.

На дневен ред се и повеќе предлог-одлуки за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти во Косел, Лескоец и Долно Лакочереј.

Вкупно, дневниот ред содржи повеќе од дваесет точки.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани