СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишен охриѓанец поради сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“, откако на 15 ноември физички ја нападнал својата 26-годишна девојка. Според полициските информации, расправијата започнала во неговиот дом, а продолжила во автомобилот.
Откако го запрел возилото, осомничениот продолжил физички да ја напаѓа девојката, при што таа изгубила свест и паднала.
Од СВР Охрид информираат дека веднаш бил формиран посебен полициски тим за постапување по случајот.
„Формиран е посебен тим од униформирани полициски службеници и криминалистичка полиција, со цел брзо и целосно постапување“, информира Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
31-годишникот бил лишен од слобода на 15 ноември во 05:05 часот. При алкотестирањето кај него биле измерени 1,29 промили алкохол во крвта.
„Извршено е алкотестирање на можниот сторител, поточно на лицето против кое е поднесена кривичната пријава. Кај него се констатирани 1,29 промили алкохол во крвта, по што и по овој основ против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, изјави Димоски.
Полицијата извршила разговори со оштетената и осомничениот, анкети со можни сведоци и преглед на безбедносните камери. Возилото „БМВ“ е одземено и обезбедено, а истрагата продолжува.
Девојката најпрво била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа во Специјалната болница „Св. Еразмо“. Директорот на болницата, Хари Шокароски, информира дека пациентката била примена со повреди на главата и телото.
„Се работи за модринки и полесни контузии. Направени се потребните медицински испитувања, заклучно со компјутеризирана томографија. Пациентката беше задржана за понатамошна опсервација во текот на целиот ден. Денеска е за испис. Се наоѓа во добра општа здравствена состојба“, изјави Хари Шокароски, директор на Специјалната болница „Св. Еразмо“.
Дополнително, Шокароски информираше дека девојката е надвор од животна опасност и дека денеска треба да биде испишана од болницата.
Од Јавното обвинителство велат дека интензивно се работи на расветлување на случајот, а исказот на оштетената го оценуваат како особено важен за истрагата.
„Нејзиниот исказ е многу суштествен и од него можат да произлезат докази со голема доказна вредност“, информираат од Јавното обвинителство.
Оттаму најавија дека ќе биде донесена одлука за правната квалификација на настанот, откако ќе бидат утврдени сите релевантни факти и докази.
Во меѓувреме, случајот доби и дополнителна димензија откако мајката на осомничениот пријавила дека таткото на девојката, 49-годишен жител на охридско, телефонски упатувал закани кон нејзиниот син и семејството. Тој бил лишен од слобода истиот ден, а против него е поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста.
Од Обвинителството потврдуваат дека паралелно се постапува и во однос на пријавените дејствија на таткото.
