Педесет ученици од Средната стручна школа од Крагуевац, Република Србија, го посетија Охрид во рамки на научно-образовната екскурзија под мотото „По патот на кирилицата“. Во рамки на посетата, учениците го посетија и Почесниот конзулат на Република Србија во Охрид.
Делегацијата ја предводеше професорката Нада Спалевиќ, заедно со свои колеги, а домаќин им беше почесниот конзул на Република Србија во Охрид, Михајло Филев.

Фолев истакнува дека посетата претставува значаен придонес во унапредувањето на образовната и културната соработка, како и во зајакнувањето на пријателските врски меѓу младите од двете земји.
Охрид и Крагуевац се збратимени градови кои со години негуваат пријателски односи и соработуваат на повеќе полиња.
„Ваквите научно-образовни проекти и соработки, како и меѓусебното запознавање, размената на знаења и дружењето меѓу младите, претставуваат драгоцен придонес во градењето квалитетни и професионални кадри, но и во создавањето посветла иднина за младите генерации од двете братски држави“, наведува Филев.
Тој додава дека токму младите се иднината и продолжувачите на вековниот мост на пријателство, почит, разбирање и соработка меѓу двата народа.
