Во акциите на Шумската полиција во текот на октомври се одземени и возила, трактори и моторни пили, а поднесени се вкупно 147 прекршочни и кривични пријави.
Вкупно 734 кубни метри дрва се запленети во текот на октомври во засилените акции на Шумската полиција против бесправната сеча, нелегалниот транспорт и трговијата со дрвна маса од незаконско потекло.
Најголем дел од запленетата количина се даб и бука. Одземени се 288 кубни метри даб, 274 кубни метри бука, 51 кубен метар мешано дрво и 121 кубен метар техничко дрво, односно трупци.
Во рамки на акциите привремено се одземени и 11 товарни и 15 патнички моторни возила, осум трактори, 13 приколки и 18 моторни пили.
До надлежните судови се поднесени 122 прекршочни пријави, додека до Основното јавно обвинителство се доставени 25 кривични пријави.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, најавува продолжување на засилените контроли и одлучно постапување против сите форми на незаконска експлоатација на шумите.
„Од дрвокрадството заработуваат поединци, а штетата ја трпат сите граѓани. Затоа продолжуваме со засилените контроли и одлучно ќе се постапува против секоја незаконска активност со која се уништуваат шумите“, порачува Серафимовски.
Од Министерството нагласуваат дека контролите ќе продолжат, со цел заштита на шумското богатство и утврдување одговорност не само кај бесправните сечачи, туку и кај оние кои нелегално ја препродаваат дрвната маса.
