СВР Охрид предупредува: Зачестени интернет измами, граѓаните добиваат лажни пораки за „Безбеден град“
СВР Охрид предупредува дека во изминатиот период повторно се зачестени пријавите од граѓани за различни видови интернет и компјутерски измами, меѓу кои и лажни пораки за наводно сторени сообраќајни прекршоци регистрирани од системот „Безбеден град“.
Според пријавите, граѓаните добиваат СМС-пораки и други електронски известувања од странски телефонски броеви, како и линкови до лажно креирани веб-страници и пораки преку телефонски и интернет-апликации и социјални мрежи.
Дел од измамите се поврзани со наводни инвестициски можности и тргување, при што на граѓаните им се ветува голема заработувачка и материјална корист, со цел да бидат наведени да ги внесат личните и банкарските податоци.
Посебно предупредување се однесува на лажните известувања за сообраќајни прекршоци, во кои на граѓаните им се испраќаат линкови преку кои се бара да уплатат одредена сума пари за наводно сторен прекршок.
Од СВР Охрид апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни, да не ги отвораат сомнителните линкови, да не внесуваат лични и банкарски податоци и да не вршат уплати. Секој ваков обид за измама треба да биде пријавен во најблиската полициска станица.
Од полицијата потсетуваат дека официјалните СМС-известувања за сообраќајни прекршоци регистрирани од системот „Безбеден град“ се испраќаат од испраќачот „MVR SC“. Тие содржат целосни податоци и фотографии за возилото со кое е сторен прекршокот, како и линк до официјалната веб-страница со соодветен домен.
