Автопатот Кичево – Охрид во завршна фаза, најавени чартер-летови со туристи и надвор од сезоната

Интензивно се работи на автопатот Кичево – Охрид. Најтешката делница, од Извор до Врбјани, по завршувањето на градежните работи и безбедносните тестирања се очекува да биде ставена во функција во декември. Министерот за транспорт Александар Николоски уверува дека останува на рокот за целосно завршување на автопатот до крајот на мај 2027 година. Во моментов се спроведуваат тестирања за примена на најновата европска директива за безбедност во сообраќајот, особено во тунелите.

Министерот Николоски вели дека од градежен аспект работите се завршени, а преостанува да се спроведат сите потребни проверки за безбедно одвивање на сообраќајот.

„Од градежен аспект целокупната работа е завршена. Она што правиме во моментов е спроведување на најновата европска директива за безбедност во сообраќај, особено во тунели, така што се прават сите потребни тестирања со цел да имаме највисоко ниво на безбедност во рамки на тунелот. И ова ќе е првпат оваа европска директива да биде применета не само во Македонија, туку во целиот регион. Кога ќе завршат тестирањата, секако ќе ве поканиме да направиме една обиколка и да го пуштиме во функција овој дел од автопатот“, изјави Николоски.

Тој потврди дека останува на најавениот рок за целосно завршување на автопатот Кичево – Охрид до крајот на мај 2027 година. Според него, изградбата се одвива со одлична динамика, а ангажирани се и изведувачите и надзорот.

„Остануваме на она што го ветивме, а тоа е согласно роковите до крајот на мај месец да имаме не само целосно пуштен автопат, туку и автопат со сите потребни документи, нешто што за жал не сме го гледале често во минатото“, нагласи министерот.

Покрај патното поврзување, значаен потенцијал за развој на туризмот во регионот има и охридскиот аеродром. По изградбата на новата терминална зграда и модернизацијата на аеродромските капацитети, бројот на патници бележи значителен раст. Николоски очекува годинава низ охридскиот аеродром да поминат меѓу 370 и 400 илјади патници.

Тој посочи дека тоа е значително повеќе од проекциите во физибилити-студијата од 2003 година, според која аеродромот требало да достигне 130 илјади патници до 2030 година.

„Веќе оваа година ќе движиме помеѓу 370 и 400 илјади патници. Далеку, далеку над она што било проектирано за 2030 година, веќе го постигнуваме во 2026 година и ќе продолжи да расте во следниот период. Секако една од основните причини за тоа е изградбата на нова терминална зграда, на помошните простории, практично еден нов аеродром добивме кој што со својата функционалност и со својата убавина привлекува патници, привлекува туристи“, изјави Николоски.

Особено значајна е најавата за можноста Охрид да добие големи чартер-аранжмани надвор од главната туристичка сезона. Министерот откри дека се водат разговори за туристички летови кои би сообраќале во периодот од октомври до мај, со најмалку два авиони дневно. Засега нема конечна потврда, но очекувањата се договорите да бидат финализирани во наредниот период.

„Сè уште не сме потврдени, но мислам дека сме близу до едни големи чартер-тури кои што би значеле најмалку два авиони дневно со туристи надвор од сезоната во период од октомври до мај. Очекувам во следниот период да го потврдиме и тоа да е додадена вредност на Охридскиот аеродром“, најави министерот за транспорт.

Автопатот Кичево – Охрид и модернизираниот аеродром се два значајни инфраструктурни столба од кои се очекува дополнителен поттик за туристичкиот и економскиот развој на регионот. Подобрата патна и авиоповрзаност, заедно со можноста за чартер-летови надвор од летните месеци, отвораат перспективи за подолга туристичка сезона и поголем број посетители во Охрид и регионот.

Новинар: Соња Рилковска

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани