3Д-реконструкции и виртуелна реалност отвораат нови можности за промоција на културното наследство

Современите дигитални технологии отвораат нови можности за презентација и промоција на археолошкото и културното наследство. Преку 3Д-реконструкции и виртуелна реалност, посетителите ќе можат да добијат поинаква слика за изгледот на античките и ранохристијанските објекти, нивната архитектура и декорација, вклучително и делови од наследството кои денес се сочувани само во археолошки остатоци.

Еден од примерите е 3Д-реконструкцијата на Поликонхалната базилика на Плаошник, на која работел мозаичарот Никола Упевче во соработка со докторант од Шпанија. Проектот овозможува визуелно да се реконструира некогашниот изглед на базиликата, особено нејзините мозаици.

„Се работи за еден од најрепрезентативните споменици од ранохристијанскиот период, на кој сум работел во повеќе наврати, особено на реставрацијата на неговите мозаици. Ја имам целокупната документација и истражувањата од минатите години, па така ми беше полесно да ја создадам сликата за тоа како овој мозаик изгледал пред 1.500 години, кога блескал во полн сјај. Целта е преку новите медиуми да го доближиме изгледот на базиликата и нејзината декорација до пошироката јавност“, вели Упевче.

Во Заводот и Музеј – Охрид, покрај овој проект, се работи и на виртуелна реконструкција на базиликата кај Студенчишта, локалитет кој, како што посочува директорот на установата Горан Патчев, е малку познат дури и кај локалното население.

„Колегата Никола Упевче работеше со докторант од Шпанија на 3Д-реконструкција на базиликата на Плаошник. Исто така, работиме со други соработници на 3Д-виртуелна реконструкција на базиликата кај Студенчишта, која е многу малку позната и кај самите наши сограѓани. Со овие технологии таа ќе може да биде подостапна за пошироката публика“, вели Патчев.

Новите начини на презентација се особено значајни и за локалитетите кои поради конфигурацијата на теренот не се лесно пристапни за сите посетители. Преку дигитални содржини, виртуелни презентации и 3Д-модели, археолошкото наследство може да им биде доближено и на лицата кои не се во можност физички да ги посетат локалитетите.

Темата за заштитата, одржливоста и промоцијата на археолошкото наследство беше во фокусот и на меѓународната работилница во Охрид, во рамките на годишната програма на Министерството за култура и туризам. На неа учествуваа претставници од повеќе европски земји, членки на Форумот на словенски култури.

Директорката на Форумот, Андреја Рихтер, посочи дека една од идеите за идната соработка е создавање заедничка мапа на значајните археолошки локалитети од словенските земји, која би била наменета за меѓународна туристичка промоција.

„Размислуваме да направиме заедничка мапа на посебните археолошки локалитети, која ќе им ја понудиме на туристите од Европа, Америка и други земји. Најпрво археолозите и стручњаците треба да ги подготват материјалите и сите информации, а потоа во соработка со туристичките организации да се подготват маркетинг-план и промоција“, истакна Рихтер.

Таа ја нагласи и важноста од вклучувањето на локалните заедници во процесот на заштита и презентација на наследството, посочувајќи дека жителите кои живеат во близина на археолошките локалитети треба да бидат запознаени со нивното значење и да учествуваат во нивното одржување.

Форумот на словенски култури е основан во 2004 година и обединува 13 држави. Заводот и Музеј – Охрид минатата година ја доби наградата за најдобар словенски локалитет на културното наследство, признание кое дополнително ја отвора можноста за размена на искуства и заеднички проекти.

Преку современите технологии и меѓународната соработка, археолошкото наследство добива нов начин на претставување – не само како историски споменик што треба да се зачува, туку и како содржина што може да се доживее, истражува и доближи до пошироката публика.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани