Општина Охрид ги повикува сите трговци поединци, занаетчии и правни лица кои имаат неплатени обврски за комунална такса – фирмарина за 2023 година, да ги подмират најдоцна до 18 ноември 2026 година.
Од локалната самоуправа информираат дека веќе е во тек постапка за присилна наплата, согласно Законот за даноци на имот и Законот за комунални такси.
Претходно, Општина Охрид испратила електронски опомени до сите обврзници кои имаат заостанати долгови. Бидејќи рокот за доброволно плаќање по доставените опомени е истечен, во тек е изготвување решенија за присилна наплата, кои ќе им бидат доставени на даночните и таксените обврзници.
Од Општината предупредуваат дека доколку обврзниците не постапат ниту по овие решенија, ќе следува блокирање на нивните банкарски сметки.
Увид во финансиските картички и изготвените решенија, како и електронско плаќање на обврските, е овозможено преку порталот за е-даноци на официјалната веб-страница на Општина Охрид.
Рокот за подмирување на заостанатите обврски е 18 ноември 2026 година.
