Охрид прогласен за „Младински пријателски град“ за 2026 година

Општина Охрид ја доби националната награда „Младински пријателски град“ (Youth Friendly Town) за Југозападниот плански регион за 2026 година. Признанието беше доделено денеска, на свеченото отворање на Четвртиот Национален форум за младинска работа, кој се одржува во Младинскиот центар во Охрид.

Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека наградата претставува потврда за досегашните активности на локалната самоуправа во создавањето услови за младинско организирање, образование и активно учество на младите во општествените процеси.

Како значајни чекори ги посочи отворањето на Младинскиот центар во 2022 година, формирањето на Локалниот совет на млади и Локалното младинско собрание, како и донесувањето на Локалната стратегија за млади.

Пецаков најави и следна фаза во развојот на младинската инфраструктура – отворање Младински културен центар. За таа цел веќе е реализиран јавен конкурс за идејно архитектонско решение за адаптација на објект во поранешната касарна, а избраното решение ќе биде основа за понатамошна реализација на проектот.

„Ова признание го доживуваме како потврда за досегашната работа, но и како дополнителна одговорност да продолжиме со унапредување на условите за младите“, истакна Пецаков, нагласувајќи дека наградата им припаѓа и на младинските организации, активистите, младинските работници и младите охриѓани.

Во рамки на Форумот, градоначалникот учествуваше и на панел-дискусијата „Од закон до локална реалност: институционална и финансиска поддршка за младинските центри и младинската работа“, заедно со градоначалниците на Карпош и Делчево.

Четвртиот Национален форум за младинска работа се одржува од 10 до 12 ноември, во организација на Коалицијата на младински организации СЕГА и Младинскиот центар Охрид, во партнерство со национални институции и меѓународни организации.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани