Општина Охрид отвори јавен повик за финансирање проекти од областа на социјалната и здравствената заштита за 2027 година. За предлог-идеи од јавен интерес се предвидени средства до 500.000 денари, додека за поддршка на постојните дневни центри и нивното континуирано функционирање може да се доделат до еден милион денари.
На повикот можат да аплицираат правни лица кои вршат дејност од јавен интерес, здруженија на граѓани, фондации и други организации регистрирани на територијата на Општина Охрид, кои работат во областа на социјалната и здравствената заштита.
Целта е поддршка на активности за намалување на социјалниот ризик и подобрување на условите за живот на лицата со попреченост, лицата со ограничени можности и семејствата во социјален ризик.
Проектите може да опфаќаат активности за унапредување на животот на лицата со ретки болести и посебни потреби, развој на спортските активности кај лицата со попреченост, поттикнување на здравјето на граѓаните, како и активности за подобрување на развојот на децата и младите.
Заинтересираните субјекти треба да достават детално образложена предлог-идеја или проект со финансиска рамка и потребната документација.
Рокот за доставување на пријавите е 20 ноември 2026 година, до 15 часот. Документите се доставуваат во затворен коверт во архивата на Општина Охрид или по пошта со препорачана пратка.
Избраните проекти ќе бидат дел од Програмата за социјална заштита на Општина Охрид за 2027 година.
Повеќе информации и потребната документација се достапни на веб-страницата на Општина Охрид.
