Пазарот на недвижности во Охрид останува динамичен, со високо ценовно ниво и континуиран интерес од купувачите. Цените на становите во новоградбите се движат од 1.500 до 2.500 евра за метар квадратен, додека во апарт-хотелските комплекси на најатрактивните локации надминуваат и 3.000 евра. Охрид сè повеќе се препознава како дестинација за купување втор дом, но и за инвестирање во туристичко изнајмување.
Најголем интерес има за централното градско подрачје и крајбрежјето, но високите цени ги насочуваат купувачите и кон поширокиот центар на градот.
„Најбарани се топ локациите, значи централното градско подрачје, строгиот центар на Охрид, како и локациите на брегот на Охридското Езеро. Но поради висината на цените, сепак најголем дел од купувачите се одлучуваат за поширокото централно подрачје во радиус од еден километар од строгиот центар на градот, бидејќи тука добиваат најповолна цена во смисла на избор на локација, атрактивност и вредност“, вели Наташа Спасеска, агент за недвижности.
Меѓу купувачите најзастапени се граѓаните од другите делови на земјава и македонските иселеници, додека странските државјани учествуваат со околу 10 проценти во продажбата. Најчесто се бараат помали станови, со површина од 40 до 50 квадратни метри, кои се користат за одмор или како инвестиција за туристичко изнајмување.
„Најчесто како купувачи се јавуваат граѓаните од останатите делови од Македонија кои што претежно го избираат Охрид како дом за одмор или инвестираат во смисла на туристичко издавање како станоиздавачи. Понатаму, втората категорија се нашите иселеници од дијаспората. Сепак, јас би ја потенцирала третата категорија како најзначајна, а тоа се странците“, вели Спасеска.
Според проценките на агентите за недвижности, интересот за купување имот во Охрид ќе продолжи и во наредниот период, што би придонело за натамошен благ раст на цените. Долгорочната атрактивност на градот ќе зависи и од зачувувањето на природното и културното наследство и одговорниот урбан развој.
Новинар: Соња Рилковска
