Општина Охрид распиша конкурс за лого на Советот за превенција на детско престапништво

Општина Охрид распиша конкурс за избор на идејно решение за заштитен знак, односно лого на Општинскиот совет за превенција на детско престапништво. Право на учество имаат учениците од средните училишта на подрачјето на општината, а за најдоброто решение е предвидена награда од 10.000 денари.

Според објавениот конкурс, логото треба да ја претставува превенцијата на детското престапништво и да биде приспособливо за различни начини на употреба.

Секој учесник треба да достави две идејни решенија, од кои едното треба да го содржи целосното име на Општинскиот совет за превенција на детско престапништво.

Решенијата треба да бидат подготвени во боја, во формат А4, со техничка спецификација на боите во моделите RGB и CMYK и во векторски формат AI, односно Adobe Illustrator.

Крајниот рок за доставување на идејните решенија е 5 ноември 2026 година, до 12 часот.

Пријавите треба да се достават под шифра, во затворен плик, во архивата на Општина Охрид или да се испратат со препорачана пошта на адресата: улица „Димитар Влахов“ бр. 57, Охрид.

Во пликот треба да има уште два запечатени плика. Во едниот се доставува предлог-решението за логото – колор-верзија испечатена на А4-хартија, USB со бараните формати и JPG-верзија. Во другиот се наведуваат податоците за ученикот: име и презиме, адреса на живеење, телефонски контакт и училиште.

Предлозите ќе ги разгледува комисија формирана од градоначалникот на Општина Охрид. Комисијата го задржува правото да не избере ниту едно од доставените решенија, а авторот на избраниот дизајн ќе треба да достави изјава за гаранција на неговата оригиналност.

Дополнителни информации за конкурсот може да се добијат на телефонскиот број 076/658-668.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани