Иако иницијативата за заштита на Јабланица е покрената пред речиси две децении, планината сè уште чека институционална разврска. Изработена е нова студија за валоризација на природните вредности, а еколозите предупредуваат дека заштитата е важна за зачувување на ретките и ендемични видови, но и за спречување на нелегалните активности.
Долгогодишната иницијатива за прогласување на Јабланица за национален парк сè уште не е реализирана. Првата студија за валоризација била изработена во 2009 година, но постапката со години останала во институционалните процедури. Во меѓувреме, изработена е нова студија, во која се земени предвид актуелната состојба и природните вредности на планината.
Од Македонското еколошко друштво посочуваат дека Јабланица има исклучително значење за зачувувањето на биолошката разновидност, пред сè поради присуството на ретки ендемични видови и специфични живеалишта.
„Во моментот е направена нова студија за валоризација со новата состојба и природните вредности. Експертскиот тим, односно стручната фела, ја вреднува Јабланица како едно вредно место за заштита на биолошката разновидност, поради присуството на ретки ендемични видови и рефугијални живеалишта кои се среќаваат овде и претставуваат дом за голем број видови што токму на овој простор го нашле своето прибежиште“, изјави Деспина Китановa од Македонското еколошко друштво.
Покрај зачувувањето на природното богатство, прогласувањето на Јабланица за национален парк би требало да придонесе и за подобра контрола на активностите на планината. Еколозите укажуваат на потребата од системска заштита од дрвокрадство, дивоградби, криволов и други нелегални активности што можат да ги загрозат природните вредности.
„Националниот парк, генерално заштитеното подрачје, нуди таква можност, бидејќи тогаш просторот се уредува според неговите вредности. Сите активности што се случуваат во него треба да бидат вклопени, но и да се почитуваат законските основи поврзани со користењето на шумите, ловот, градбата и така натаму“, изјави Китановa.
За разлика од македонскиот дел, албанската страна на Јабланица е прогласена за национален парк во 2008 година. Во земјава, иницијативата за заштита на планината датира од 2007 година, но сè уште се чека конкретен институционален чекор кон нејзино официјално прогласување.
Следува надлежните институции да ги разгледаат стручните податоци и да дадат мислење за границите на идното заштитено подрачје, зонирањето и мерките за управување. Од овие одлуки ќе зависи како ќе се уредува просторот и на кој начин ќе се штитат природните вредности на Јабланица.
Новинар: Соња Рилковска
