Потребна е формална заштита на блатните системи во Охридскиот регион

Студенчишкото Блато сè уште чека законска заштита, додека во Дебрца е во тек постапката за прогласување на Белчишкото Блато за парк на природата. Еколозите предупредуваат дека заштитата и обновувањето на овие живеалишта се важни за зачувување на биолошката разновидност и за подобрување на состојбата на Охридското Езеро.

Студенчишкото Блато има важна улога во природниот систем на Охридското Езеро. Како природен филтер, придонесува за задржување на загадувачите, регулирање на водниот режим и зачувување на живеалиштата на бројни растителни и животински видови. Сепак, блатото сè уште нема формален статус на заштитено подрачје.

Од Македонското еколошко друштво посочуваат дека првиот чекор е законска заштита, по што треба да следува долгорочен процес на ревитализација. Тој опфаќа отстранување на наталожениот шут, обновување на природните екосистеми и повторно поврзување на блатото со езерото.

„Засега, краткорочната цел ни е да обезбедиме негова формална заштита како заштитено подрачје. Потоа треба буквално да се отстрани целиот шут, да се обноват природните екосистеми и повторно да се поврзе со езерото. Станува збор за цел процес на реставрација на блатото“, изјави Методија Велевски од Македонското еколошко друштво.

Во соседната Општина Дебрца, пак, започната е постапката за прогласување на Белчишкото Блато, познато и како Сини Вирој, за парк на природата. Станува збор за едно од ретките зачувани блатни подрачја во земјава, со значајна биолошка разновидност.

Од Македонското еколошко друштво очекуваат постапката за негово прогласување да биде успешно завршена, додека во фокусот на нивните активности останува и Студенчишкото Блато.

„Во процес е и заштитата на Белчишкото Блато. Се надеваме дека тоа формално ќе се реализира, односно дека наскоро ќе биде донесен соодветниот закон. Во фокусот сега ни е Студенчишкото Блато, каде што веќе имаме воспоставено добра соработка со Општина Охрид. Студенчишкото Блато е поврзано со Охридското Езеро и претставува еден вид заштитна зона, која го спречува загадувањето на езерото и ја подобрува хидролошката состојба“, изјави Славчо Христовски, претседател на Македонското еколошко друштво.

Значењето на Студенчишкото Блато е препознаено и во препораките на УНЕСКО за заштита на Охридскиот Регион. Во одлуката од годинашната сесија повторно беше посочена потребата од забрзување на постапката за негово прогласување за парк на природата.

Формалната заштита на блатните системи е важен чекор кон нивно долгорочно зачувување, но и кон подобра заштита на Охридското Езеро и природното наследство на регионот.

Новинар: Соња Рилковска

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани