Патничкиот сообраќај на двата македонски аеродроми продолжува да расте и со почетокот на зимскиот распоред на летање. Од 1 јануари до 25 октомври годинава, аеродромите во Охрид и Скопје опслужиле вкупно 3.651.073 патници, што е зголемување од 28 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ и во претстојната зимска сезона ќе остане поврзан со четири дестинации, кои ќе ги опслужуваат три авиокомпании. Зимскиот распоред на летање започна на 25 октомври и ќе трае до 27 март 2027 година.
Растот на патничкиот сообраќај е забележлив и на ниво на двата македонски аеродроми. Според податоците на ТАВ Македонија, од почетокот на годината до 25 октомври биле реализирани 24.232 летови, што претставува зголемување од 10 проценти во однос на истиот период во 2025 година.
Позитивниот тренд продолжил и во октомври. Во првите 25 дена од месецот, двата аеродрома опслужиле 321.953 патници, односно 24 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Во овој период биле реализирани 2.085 летови, што е пораст од 9 проценти.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, посочува дека развојот на воздушната поврзаност и проширувањето на мрежата на дестинации остануваат меѓу главните приоритети на компанијата.
„Еден од главните приоритети на ТАВ Македонија е долгорочниот развој и унапредување на авиосообраќајот, преку продлабочување на партнерствата со авиокомпаниите што веќе оперираат на македонскиот пазар, привлекување нови авиопревозници и зголемување на бројот на дестинации достапни од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид“, изјави Курт.
Тој информира дека компанијата продолжува да ги претставува потенцијалите на македонските аеродроми пред меѓународните авиокомпании, преку учество на саеми за авијација и туризам, како и преку директни контакти со авиопревозниците. Во таа насока, ТАВ Македонија, заедно со ТАВ Аеродроми и групацијата АДП, учествувала на саемот Routes World 2026 во Франкфурт, каде што биле одржани состаноци со авиокомпании и биле презентирани можностите на македонскиот пазар.
Според Курт, подобрата воздушна поврзаност има значајна улога во развојот на туризмот, бизнисот и економските активности, а целта е двата аеродрома да останат атрактивни за авиопревозниците и да понудат поголем избор за патниците.
Во зимската сезона 2026/2027 година, од двата македонски аеродроми ќе бидат достапни вкупно 56 дестинации, со кои ќе сообраќаат 17 авиокомпании.
Од Меѓународниот Аеродром Скопје ќе се лета до 45 редовни дестинации, со 13 авиокомпании, како и до седум чартер-дестинации. Од охридскиот аеродром, пак, се предвидени летови до четири дестинации со три авиокомпании.
