Мозочниот удар останува еден од најсериозните здравствени проблеми во Македонија, прва причина за тежок и долготраен инвалидитет и втора причина за смртност. И покрај можностите за превенција и современ третман, земјава и натаму бележи висока стапка на новонастанати мозочни удари и смртност. Во Охрид, во текот на 2025 година, се регистрирани 191 мозочен удар, од кои 86 кај жени и 105 кај мажи, додека во Југозападниот регион вкупниот број изнесува 408. Особено загрижува фактот што мозочниот удар не ги поштедува ниту младите луѓе.
„Целта на денешната активност беше да го насочиме вниманието на населението, но и на здравствените политичари кон мозочниот удар. Тоа е навистина тешка и болна тема за нашето општество, бидејќи претставува прва причина за тежок и долготраен инвалидитет во Македонија, а втора причина за смртност. Со себе носи голем товар, не само за семејствата на пациентите, туку и за целото општество, особено во економска смисла. Со рана превенција и соодветен третман можеме да ги намалиме овие загрижувачки статистики“, изјави Маја Божиновска од Општата болница во Охрид.
Таа посочи дека во Македонија сè уште се бележи висока стапка на новонастанати мозочни удари, а загрижувачки се и податоците за охридскиот регион. „Во Охрид, во текот на 2025 година, се регистрирани вкупно 191 мозочен удар, од кои 86 кај жени и 105 кај мажи. Во нашиот регион, во Југозападна Македонија, вкупно се случиле 408 нови мозочни удари. Морам да напоменам дека најмладиот пациент имал мозочно крварење и бил на возраст меѓу 20 и 25 години, а најмладата пациентка со исхемичен мозочен удар била на возраст меѓу 25 и 35 години“, информираше Божиновска.
Според лекарите, голем дел од ризикот за мозочен удар е поврзан со фактори врз кои може да се влијае преку промена на животните навики и редовна контрола на здравствената состојба. Дури 90 проценти од ризикот е поврзан со десет модифицирачки ризик-фактори, меѓу кои се физичката неактивност, неправилната исхрана, пушењето, консумирањето алкохол, но и одредени здравствени состојби.

„Сите мозочни удари се поврзани со десет модифицирачки ризик-фактори и неколку фактори врз кои не можеме да влијаеме. За среќа, 90 проценти од ризикот е поврзан со факторите кои можеме да ги менуваме, односно со нашиот однос кон сопственото здравје. Како се однесуваме кон себе, дали живееме здраво, дали спортуваме, дали правилно се храниме, дали пушиме и консумираме алкохол. Со намалување на овие ризици значително придонесуваме за намалување на можноста од појава на мозочен удар“, истакна Божиновска.
На ризикот влијаат и фактори врз кои не може да се делува, како генетската предиспозиција, возраста и полот, но и надворешни фактори кои сè повеќе добиваат на значење, меѓу кои аерозагадувањето и наглите промени на надворешната температура. Лекарите посочуваат дека превенцијата е особено важна, но кога ќе се појават првите симптоми, секоја минута е драгоцена.
Искривување на лицето, слабост или одземеност на едната половина од телото, потешкотии со говорот, проблеми со видот, вртоглавица и нестабилност при движење се најчестите знаци на мозочен удар. Нивното препознавање од страна на најблиските е од пресудно значење за навремено повикување Итна медицинска помош и транспорт на пациентот во здравствена установа.

„На Светскиот ден за борба против мозочниот удар, кој е една од водечките причини за смртност и инвалидност во светски рамки, од особена важност е раното препознавање на клиничките знаци и симптоми. Тие се јавуваат акутно и треба да бидат препознаени од блиското опкружување на пациентот, за навреме да се побара медицинска помош. Најважни симптоми се акутна слабост или одземеност на едната половина од телото, потешкотии со говорот, проблеми со видот, вртоглавица, нестабилност при движење и искривување на лицето. Навременото препознавање е од голема важност за веднаш да се повика Итна медицинска помош и пациентот да биде транспортиран во најблиската здравствена установа каде што ќе добие соодветен третман. Времето е мозок, бидејќи за одредени специфични третмани мора да се запази терапевтскиот прозорец од три до четири и пол часа“, објасни д-р Ирена Скендервоска Митреска, невролог во Специјалната болница „Св. Еразмо“ – Охрид.
Покрај раното препознавање, особено значајна е примарната превенција, односно преземањето мерки за да се спречи појавата на првиот мозочен удар. Меѓу најзначајните фактори врз кои може да се влијае се артериската хипертензија, дијабетесот, дислипидемијата, односно покачените маснотии во крвта, како и обезноста и прекумерната телесна тежина. Нивното навремено откривање и регулирање може значително да го намали ризикот од исхемичен, но и од хеморагичен мозочен удар, особено при неконтролирана хипертензија.
„Кога зборуваме за примарната превенција, односно спречување на појавата на првиот мозочен удар, тука се важни ризик-факторите врз кои можеме да влијаеме. Најзначајни се артериската хипертензија, дијабетесот, односно шеќерната болест, дислипидемијата, покачените маснотии во крвните садови, како и обезноста и прекумерната телесна тежина. Навременото откривање и регулирање на овие ризик-фактори ќе доведе до намалување на шансите за појава на мозочен удар“, посочи д-р Ирена Скендервоска Митреска.

Секундарната превенција, пак, се однесува на пациентите кои веќе прележале мозочен удар и има за цел да спречи повторна појава. Таа опфаќа медикаментозен третман за регулирање на крвниот притисок, шеќерната болест и дислипидемијата, терапија за контрола на нарушувањата на срцевиот ритам, како и лекови кои го спречуваат слепувањето на тромбоцитите. Кај одредени пациенти со значајни стеснувања на каротидните артерии се применуваат и хируршки методи, како каротидна ендартеректомија или стентирање, со индивидуален пристап и соработка со кардиолозите.
Еден од најефикасните третмани кај пациентите со исхемичен мозочен удар е тромболизата, терапија со која се разбива тромбот што го блокира протокот на крв во мозокот. Таа мора да се примени во строго определен временски период, по претходно направена компјутерска томографија. Во Охрид подолг период се работи на воспоставување соодветен центар за третман на мозочен удар во Општата болница, каде што веќе постои практика пациентите да бидат транспортирани од екипите на Итната медицинска помош.
„Подолго време работиме на формирање соодветен центар за третман на мозочен удар. Како најсоодветна беше избрана Општата болница во Охрид, каде што веќе постои практика пациентите да се насочуваат преку тимовите на Итната медицинска помош. Невролошкиот тим вложи голем напор, обезбедени се монитор и потребна апаратура за спроведување тромболиза, односно терапија која помага да се разбие тромбот. Но, таа е временски ограничена и не може да се применува по истекот на четири и пол часа“, изјави Маја Божиновска.
Формирањето функционален центар за тромболиза е поврзано и со потребата од соодветни кадровски и технички услови, како и континуирана достапност на терапијата. Третманот бара обучен медицински персонал, брза дијагностика и навремено спроведување на компјутерска томографија. Токму затоа, покрај акутниот третман, важен дел од грижата за пациентите е и нивната понатамошна рехабилитација.

Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид долги години има значајна улога во неврорехабилитацијата, а во установата се лекувале пациенти од целата земја. Рехабилитацијата е насочена кон подобрување на подвижноста, спречување на спазми и контрактури, но и враќање на говорните, когнитивните и функционалните способности. Во процесот се вклучени физиотерапевти, логопеди, психолози и други стручни профили.
„Нашата установа долги години функционира како центар за неврорехабилитација, во кој се третирале пациенти од целата земја. Имаме добро обучен персонал, а располагаме и со соодветна медицинска опрема за таа цел. Неврорехабилитацијата е клучен фактор за да ги намалиме тешките последици по мозочниот удар. Физикалната терапија се спроведува за подобрување на подвижноста и спречување на спазми и контрактури. Многу важна е и соработката со логопедите и психолозите, особено кај пациентите со нарушувања на говорот, когнитивни потешкотии, депресија и анксиозност“, истакна д-р Ирена Скендервоска Митреска.
Дополнително, преку окупационата терапија на пациентите им се помага постепено да ги обноват секојдневните активности што ги изгубиле по мозочниот удар – личната хигиена, облекувањето и хранењето, како и правилната употреба на ортопедските помагала. Целта е што поголема самостојност и подобар квалитет на живот.

Од Специјалната болница „Св. Еразмо“ посочуваат дека остануваат подготвени за соработка со другите здравствени институции и за вклучување во активности што придонесуваат за унапредување на јавното здравје и подобрување на здравствената заштита во регионот.
„Како институција со која раководам, секогаш сме подготвени да дадеме поддршка на активности за промоција на јавното здравје и подигнување на свеста за големите општествени проблеми. Мозочниот удар предизвикува сериозен морбидитет и морталитет, а статистичките податоци покажуваат колку е сериозен овој проблем во нашата држава и колку е потребно да му се посвети внимание. Ние и досега сме вклучени во третманот на овие пациенти, а нашата установа има улога и во неврорехабилитацијата. Во последните години бележиме сериозен напредок во третманот на невролошките заболувања, благодарение на ангажманот на нашите невролози. Секогаш ќе бидеме подготвени за соработка со другите институции, со цел да придонесеме за подобрување на здравјето на населението во регионот“, изјави д-р Харалампие Шокаровски, директор на Специјалната болница „Св. Еразмо“ – Охрид.
Лекарите апелираат граѓаните редовно да ги контролираат крвниот притисок, шеќерот и маснотиите во крвта, да ги почитуваат препораките за здрав начин на живот и навреме да побараат медицинска помош при појава на симптоми. Особено важни се редовните контроли кај пациентите кои веќе прележале мозочен удар, со цел да се намали ризикот од повторување. Мозочниот удар може да се лекува, но и да се спречи – доколку ризик-факторите се препознаат и навреме се стават под контрола.
