„Охридски Комуналец“ одбележа 74 години постоење, најавена нова механизација и модернизација на возниот парк

Со свеченост и доделување јубилејно признание, ЈП „Охридски Комуналец“ денеска го одбележа патрониот празник 7 Ноември. Претпријатието, основано во 1952 година, најавува значително обновување на механизацијата со нови специјализирани возила, метачки и цистерна за миење улици.

Повеќе од седум децении генерации вработени во ЈП „Охридски Комуналец“ се грижат за јавната чистота, собирањето на комуналниот отпад и одржувањето на парковите и зелените површини во Охрид.

На свеченото одбележување, директорот на претпријатието, м-р Сашо Најдески, истакна дека еден од главните приоритети во изминатиот период била модернизацијата на возниот парк.

Со поддршка на Општина Охрид, набавени се две метачки, додека преку проектот за воспоставување регионална депонија, Министерството за животна средина доделило шест специјализирани возила за собирање комунален отпад.

Дополнително, преку проект на Министерството за транспорт се обезбедуваат уште четири специјализирани возила за собирање отпад, една метачка и една специјализирана цистерна за миење на улиците.

Меѓу предизвиците со кои се соочува претпријатието останува и депонијата Буково, која повеќе од 45 години претставува сериозен еколошки проблем. Од претпријатието велат дека се преземаат активности за покривање на отпадот и намалување на ризикот од пожари, но трајното решение го гледаат во воспоставувањето современ регионален систем за управување со отпад.

По повод патрониот празник, годинава ќе биде доделена и јубилејна награда за 30 години непрекинат работен стаж на вработената Будимка Групчева, како признание за нејзината долгогодишна посветеност на претпријатието и градот.

Од раководството посочуваат дека покрај инвестициите во механизацијата, најголемата вредност на претпријатието остануваат вработените кои секојдневно се грижат за комуналниот ред и чистотата во Охрид.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани