Во Центарот за култура „Григор Прличев“ синоќа се одржа свечена академија по повод 7 Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид. На настанот беше оддадена почит на борците кои се избориле за слободата на градот, 82 години по историскиот датум.
Градоначалникот Кирил Пецаков во своето обраќање истакна дека 7 Ноември не е само ден за сеќавање на минатото, туку и потсетник за одговорноста кон идните генерации.
„Нивното дело е наш аманет, а нивната жртва наша трајна обврска“, порача Пецаков, нагласувајќи дека љубовта кон Охрид треба да се потврдува со конкретни дела, грижа за културното и природното наследство и создавање подобри услови за живот.
Тој посочи дека визијата е Охрид да биде град на можности, напредок и просперитет, во кој младите ќе ја гледаат својата иднина и ќе имаат мотив да останат, да создаваат и да придонесуваат за неговиот развој.
Свечената академија беше посветена на сеќавањето на ослободителите и на значењето на слободата како трајна обврска кон градот и државата.



