Превенцијата, раното откривање на малигните заболувања и поддршката за лицата кои се соочуваат со дијагноза на рак беа во фокусот на трибината „Здравјето нема календар – животот е повеќе од дијагноза“, која синоќа се одржа во Охрид. Настанот обедини здравствени работници, активисти, претставници на локалната самоуправа и граѓани, со цел да се подигне свеста за важноста на редовните прегледи, но и да се поттикне поотворен разговор за болеста и предизвиците со кои се соочуваат пациентите.
Меѓу говорниците беше Биба Додева, хуманистка и активистка во борбата против ракот на дојка, која посочи дека зголемувањето на бројот на новооткриени случаи и намалувањето на старосната граница се тренд што се забележува на светско ниво. Според неа, најважно е болеста да се открие во рана фаза, кога можностите за успешно лекување се значително поголеми.
„Секаде има тенденција на светско ниво на зголемување на бројот на новооткриени случаи на рак на дојка. Старосната граница секако дека е многу намалена. Меѓутоа, она што јас сметам дека е важно е ракот да се открие во што поран стадиум, кога излекувањето може да биде многу успешно“, истакна Додева.
Таа нагласи дека ракот на дојка не е тема само за розовиот октомври, туку дека за болеста треба да се зборува во текот на целата година. Особено ја истакна потребата од поддршка за пациентите, отфрлање на стигмата и создавање средина во која тие нема да се чувствуваат сами.
Иницијаторот и организатор на настанот, Димче Каневче, објасни дека изборот на ноември не е случаен. Трибината е организирана на почетокот на Синиот месец, посветен на машкото здравје, со цел здравствените теми да не се сведуваат само на еден месец или на една категорија заболувања.
„Здравјето нема календар, а животот е повеќе од дијагноза. Токму затоа го испланиравме овој настан на почетокот на ноември, кога почнува Синиот месец, месецот на машкото здравје и на лицата со дијабетес. Оттука потекна идејата“, рече Каневче.
Тој најави дека активностите нема да завршат со трибината. Во соработка со локалната самоуправа се разговара за воведување конкретни мерки од 2027 година, меѓу кои и субвенционирање на дел од трошоците на онколошките пациенти. Дополнителна поддршка за пациентите обезбедиле и дел од здравствените установи и компаниите кои се вклучиле во иницијативата преку ваучери, бесплатни прегледи и други услуги.
За обемот на проблемот и значењето на превентивните прегледи говореше и радиологот д-р Тони Чифлигаропски. Според неговите податоци, на годишно ниво во светот околу два и пол милиони жени заболуваат од малигни заболувања на дојката. Во нивната секојдневна работа, како што посочи, годишно се реализираат приближно 1.500 прегледи, а во моментот се следат околу 200 пациенти со малигни заболувања на дојката.
„Во високоразвиените земји, каде што и превентивата е развиена, петгодишното преживување кај карциномот на дојка е околу 85 проценти, за разлика од неразвиените земји, каде што е околу 45 проценти. Тоа ја покажува важноста на превентивата и затоа се собравме овде денес да ја популаризираме меѓу нашите сограѓани“, истакна д-р Чифлигароски.
Поддршка за иницијативата изрази и Општина Охрид. Заменик-градоначалничката Ана Крстеска посочи дека локалната самоуправа е отворена за соработка и за мерки со кои ќе им се олесни секојдневието на пациентите, особено на оние кои се соочуваат со малигни заболувања.
„Општина Охрид секогаш покажува поддршка и е во насока на обезбедување средина која ќе овозможи полесни услови за функционирање, поддршка преку субвенционирање, олеснување на транспортот. Отворени сме за соработка и поддршка во секој поглед, во зависност од потребите што ќе ги искажат пациентите“, истакна Крстеска.
Трибината отвори прашања за превенцијата, раната дијагностика, третманот, менталното и физичкото здравје, но и за потребата од поголема институционална и општествена поддршка. Организаторите најавија дека иницијативата ќе продолжи со следни активности и конференција на која ќе се дефинираат конкретни чекори за помош на пациентите.
Пораката од настанот е дека здравјето не познава календар, а борбата со болеста не треба да биде оставена само на поединецот. Редовните прегледи, навремената дијагноза и поддршката од заедницата можат да направат суштинска разлика.







