Анализа: Дали финансиската помош за домашните компании ќе го раздвижи туристичкото стопанство?

Колку помошта за домашните компании ќе го раздвижи туризмот? Ќе донесе ли инвестиции во хотелско угостителскиот сектор на брегот на Охридското Езеро?

Владата најави 250 милиони евра финансиска помош за домашните компании. Според најавата помошта ќе се нуди со многу подобри услови од банкарските кредити на македонскиот пазар, со грејс период и подолг временски период на отплата.

Според премиерот Мицковски целта е да се зголеми бројот на вработени но и БДП во земјава.

Оние кои што ќе добијат помош, ќе треба да обезбедат и свои средства за инвестиции.

-„250 милиони евра сакаме да ги дадеме на бизнисот на фирмите. Условите кои ги имаат фирмите на пазарот се двојно полоши. Од 6 до 7% камата без грејс период, пократок период на отплата. Практично денес е доведен така системот да може да добие кредит само оној на кој што не му треба, на тој што му треба кредит не може, бидејќи се бараат многу документи и сертификати. Ние како Влада ќе ја дадеме оваа финансиска поддршка обврската на бизнис секторот ќе биде барем уште толку да имаат средства и да инвестираат. Тоа на овие 250 милиони евра ќе значат половина милјарда евра инвестиции. да се обезбедат годишно најмалку 5000 вработени и да обезбедат раст на нивното поризводство најмалку 5% над стапката на инфлација. Тоа е обврската што ќе ја бараме од бизнис секторот и мислам дека е нормално, односно партнерството подразбира две страни. Заедно да влеземе во оваа работа, затоа што ако влезе само владата во вашиот бизнис зошто владата би верувала повеќе во вашиот бизнис отколку вие самите. Ние велиме на овој начин вие половина верувајте во вашиот бизнис , ние ќе веруваме уште половина. Вие ќе имате инвестициска активност, а нас ни е важно да имаме зголемен домашен производ“, изјави  Христијан Мицковски премиер на РСМ.

Бизнисот ќе ги добие планираните 250 милиони евра од договорените 500 милиони со Унгарија под истите услови под кои ќе ги земе државата, рече  министерката на финансии Гордана Димитриеска Кочоска. За реализацијата на средствата, како што истакна, ќе се разговара со Банката за развој.

Хотелскиот сектор скептичен за најавената финансиска помош

Хотелско угостителскиот сектор има многу други проблеми, кои итно бараат решавање, вели првиот човек на хотелската асоцијација ХОТАМ.

-Помошта во пари звучи како пропаганда. Ние немаме детални урбанистички планови за инвестиции во современи хотелски и угостителски капацитети. Недостигаат ДУП за Охрид и Струга особено во прва зона на крајбрежјето. Без тоа нема почва за никакви инвестиции. Кога би го имало тогаш парите нема да се проблем, има заинтересирани инвеститори кои имаат пари,  а има и поволни кредити, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

За дополнителни инвестиции во туристичката индустрија има административни проблеми. Хотелиерите кои сакаат да реновираат или доградуваат не можат да добијат дозволи.

-Ова звучи како популизам. Треба услови за инвестиции, Во хотелската индустрија потребно е итно решавање на бројните проблеми. Немаме автопат, немаме инфраструктура, немаме  пристапност, аеродромот не е доволно раздвижен, потребно е воведување на евтини авио летови.  Опкружени сме со диви депонии кои се спалуваат. Немаме јавни тоалети, имаме загадување на езерото, проблеми со колекторскиот систем, отпад на сите страни. Треба да се сменат работите од корен. Финансиската помош е последна на скалилото која е потребна за секторот“, вели Блажески.

 

Условот за дополнителни вработување кои се бараат за добивање на најавената финансиска  помош, воедно е проблематичен, бидејќи нема доволно вработени.

-Ние имаме секојдневно отворени огласи, но никој не се пријавува. Не е дека ние не сакаме да вработиме. Нема луѓе, нема интерес, нема кого да запослиме.  Ова лето се соочивме со голем недостиг на кадар, дел од хотелиерите и угостителите овој недостиг го надополнија со увоз на работна сила. Сезонскиот карактер на работата не дозволува двојно зголемување на бројот на вработени. Тие луѓе кои во текот на ниската сезона не се потребни ќе треба да се држат на работа, а да се плаќаат со кредити, појаснува Блажески.

На брегот на Охридското Езеро недостигаат современи хотелски  капацитети

Со децении на брегот на Охридското Езеро е изграден само еден нов хотел.

-Од седумдесеттите, осумдесеттите години од време на Југославија хотелите се само изреновирани, нови поголеми хотелски капацитети нема. Потреба има, но нема  дозволи, нема детални урбанистички планови. Се градат станбени објекти, згради, 2000 станови нови, а немаме ниту 200 нови хотелски соби. Тоа е дисбаланс, тоа не носи надолу како туристичка дестинација. Не можеме да носиме побогата клиентела. Така што овие пари кои се најавени како помош за домашните компании нема да придонесат за инвестиции и развој на туристичката индустрија. Во други сектори може, но кај нас не очекуваме“, додава Блажески.

Итно е потребна стратегија за развој на туризмот на Охридското Езеро за  следните педесет години.

-Има некоја стратегија напрваена од Швајцарија, но и таа не е усвоена. Потребен е план и стратегија за развој на туризмот конкретно на Охридското Езеро. Одржлив туризам, аеродром со многу линии, бродски линии, поврзани три градови и туристички населби, уредени патишта, чисто езеро……. Многу работи ни недостигаат, после тоа може да се нуди финансиска помош, појаснува Блажески.

Крсте Блажески претседател на ХОТАМ

Реална помош за бизнис секторот во туризмот се субвенции, намалување на комуналните давачки

-Пред повеќе од десетина години државата најави ослободување на сите хотели од комуналии за надградби и доградби, намалување на овие давачки на само  5%. Па така  од 50 евра комуналиите општините Охрид и Струга  ги поскапија на  2000 евра  и наместо намалување, беа поскапени овие давачки. Тоа не е помош. За реални инвестиции во секторот  потребно е намалување или замрзнување на давачките на одредена сума. Потребни се субвенции помош во секторот  согласно тоа која компанија колку данок плаќа на државата. Ако е хотел, ресторан, кафуле, има голем број вработени, расте бизнисот, плаќа даноци заслужува да добие помош. Тој заслужува и поддршка и помош. А кај нас е обратно тие што плаќаат постојано се под инспекциски надзор, а пари ќе добиваат оние кои не плаќаат, вели Блажески.

За научната фела  финансиска помош е добредојдена

Најавената финансиска помош од Владата е финансиска инексија за стопанството, смета научната фела. Најважно е поделбата да биде јавна и транспарентна.

Горан Попоски професор во СОСУ „Кирил и Методиј“

-„Овој чекор е одлична финансиска инексија за стопанството, се разбира најважно е да бидат поделени правилно, односно транспарентно. Важно е е да се дадат на компании кои ќе донесат вработувања, инвестиции и зголемување на Бруто домашниот производ. Еднаш вложен капитал се оплодува, парите носат пари. Ако вложиш пет треба да добиеш најмалку шест. Важно е да се искористат правилно и наменски со конкретни планови и проекти“, вели Горан Попоски професор по бизнис во средното стручно училиште „Свети Кирил и Методија“

Во туризмот се особено потребни вложувања и во реконструкции и во нови хотелско угостителски капацитети.

-Оваа финансиска помош треба да  овозможи  полесен пристап до пари и за компаниите од хотелско угостителскиот сектор. Кредитите на пазарот во земјава не се поволни, ниту лесно пристапни, а уште потешко се враќаат, особено денес во економската криза. Затоа сметам дека финансиската помош е добредојдена и за туристичкото стопанство, вели Попоски.

Поддршката од државата е мошне важна за бизнис секторот, особено во делот на инвестициите.

-Неопходни се инвестиции во стопанството , но да се запази транспарентноста при поделбата на овие пари. Јавноста да знае каде отидоа парите. Да се запазат критериумите и да се искористат правилно да нема злоупотреби и малверзации, вели Попоски.

Министерката за финансии Димитриеска Кочоска потенцира дека кредитите ќе бидат давани под одредени критериуми, зашто мора, рече, да прекине досегашната пракса на одобрување пари без контрола на нивното трошење.

-Тие кредити ќе бидат давани под одредени услови. Тоа значи дека еднаш засекогаш трба да прекине праксата во оваа држава на одобрување пари, кредити грантови,… на принципот „дајте ни и потоа не ги контролирајте“. Или ќе поставиме услови и ќе ги насочиме сите тие пари кон компании кои навистина ќе инвестираат и ќе имаат позитивен импакт на БДП, во спротивно не можеме да се согласиме со оваа пракса која се правеше до сега. Потрошени се премногу средства преку Фондот за иновации, Законот за финансиска поддршка на инвестиции, а сите сме сведоци дека ефектот врз Буџетот и БДП е порзителен. Значи нешто не е во ред и ние ќе ги менуваме критериумите – истакна министерката, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за ребалансот на Буџетот.

Хотел Десарет Охрид

Финансиската помош да се искористи за инвестиции во туризмот

Финансиската помош е добредојдена за туризмот, особено доколку се искористи за подобрување на постоечките хотелски капацитети, изградба на нови и подобрување на квалитетот на услугите во хотелската индустрија. Тоа ќе донесе  туристи со подлабок џеб.

-Оваа финансиска помош доколку се употреби за поголеми инвестициски циклуси во хотелскиот сектор ќе придонесе за развојот на туризмот. Штом внесувате капитал во еден сектор, секако се очекува импакт. Тоа е една шанса да се променат работите. Од голема помош би било унапредување на услугите во хотелскиот сектор, на пример од хотел со 3 некој да го трансформира во хотел со 4 ѕвезди. Тоа е подобрување на капацитетите, преку дополнителни услуги и инвестиции. Мојот совет би бил тие пари да се употребат за подигање на квалитетот на услугите во хотелско угостителскиот сектор, вели професорот Сашо Коруноски професор на Факултетот за туризам Охрид.

Потребно е подигање на квалитетот преку  инвестиции во реконструкции и реновирање на капацитетите. Особено постарите хотелски објекти вдолж брегот на Охридското Езеро.

Професор д-р Сашо Коруноски професор на ФТУ Охрид

-За еден хотел да се реновира потребни се сериозни пари, за едно обично реновирање, а замислете за да се подигне квалитетот уште повеќе. Ретко кој денес на тоа се нафаќа, потребни се големи пари.Оваа финансиска помош би требало да биде извор кој нуди поволни услови за вакви инвестиции. Што за туризмот е многу важно, вели Коруноски.

Од Сојузот на стопански комори сметаат дека компаниите кои сакаат да инвестираат треба да имаат пристап до свежи пари.

-Потребно е на компаниите да им се овозможат финансии за силни инвестиции преку соосдветни линии подобри од сегашните. Подолга рочност на кредитите во банките рокот на исплата е до 10 години но дадени компании кои сакаат да инвестираат во основни средства треба да добијат поповолни услови 15 до 20 години отплата. Особено компании со беспрекорно Си-ви, истакна  потпретседателот на ССК Горан Ѓорѓевски.

Од Владата велат во фокусот на помошта би била инвестициите и зајакнување на капацитетите на приватниот бизнис сектор.

-Ние се концентрираме на фаворизирање на инвестициите.Оваа мерка ќе биде силна поддршка на бизнис секторот и стопанството. Имаме конкурентен приватен сектор, финансиска поддршка за инвестиции и во производството. Покрај грантовите и стандарден закон за поддршка на инвестиции на домашните компании, нормално  ќе претпри измени затоа што ќе биде целта и ќе се дава помош на компании кои ќе зголемуваат продуктивност, тоа е прво“, изјави   Гордана Димитриеска Кочоска, минситерка за финансии.

Каматните стапки за инвестициските кредити во земјава се движат од  3% нагоре, зависно од висината на инвестицијата, типот на инвестицијата и рокот. А последниве години нема голем интерес за вакви кредити во охридскиот регион. Единствено во секторот градежништво , кој е двигател на инвестициите во регионот, велат нашите извори од банките.

Колку од најавените 250 милиони евра  ќе се влеат  во туристичкото стопанство останува да се оцени после  поделбата на најавените финансии, а тоа секако ќе зависи и од условите,  но и од интересот на компаниите од хотелско угостителскиот сектор.

 

Со овој текст, Охрид Нет се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани