Квалитетот на горивата, контролите и усогласувањето со европските стандарди во фокусот на јубилејниот симпозиум на лабораториите од нафтената индустрија во регионот. Од Министерството за енергетика најавија засилен надзор, модернизација на правилниците и поефикасен мониторинг на пазарот на горива.
Важна пресвртница е донесувањето на новиот Закон за енергетика, кој поставува посилна правна рамка за пазарен надзор и овозможува поефикасно следење и контрола на квалитетот на горивата.
„Квалитетот на горивата е прашање на доверба кај граѓаните, фер пазарна конкуренција, заштита на животната средина и сигурност за потрошувачите. Затоа е важно, како што се менува енергетскиот сектор, да се развиваат и нашите регулаторни и мониторинг механизми, секогаш водени од безбедноста, транспарентноста и интересот на граѓаните“, вели Сања Лукаревска, министерка за енергетика.
Според експертите, на Балканот има ист квалитет на горивата, бидејќи најголем дел од нив се увезуваат од европските земји.
„Високите стандарди на горивата зависат од контролите, работата на лабораториите и транспарентноста на процедурите. Токму затоа вложуваме сериозни напори да ги следиме европските стандарди и да ги подобруваме капацитетите на лабораториите за надзор и контрола“, вели Димитриос Пасхос, извршен директор на ОКТА.
„Нашите горива се со европски квалитет. ЕУ прописите налагаат горивото редовно да се контролира, да се спроведува мониторинг на бензинските пумпи и да се проверува усогласеноста на резервите што се увезуваат, така што горивото континуирано се контролира и се маркира“, изјави Даниела Јовиќ од лабораторија во Србија.
Присутните ги поздрави градоначалникот Кирил Пецаков.

-„Импресивен е бројот на учесници и изборот на темите на овој конгрес и гордо можам да кажам дека деновиве Охрид е домаќин на европската елита којашто е дел од битната стопанска дејност за снабдување со нафта. Тема која кај секој од нас побудува интерес. Верувам дека бизнис заедницата што денес е тука во нашиот прекрасен Охрид ќе ги презентира најновите достигнувања во оваа област. Во Охрид по разни основи доаѓале светски познати личности, трагачи по реткости и добронамерници. Сите биле добродојдени, го пронашле она што го барале се изненадиле позитивно од нашиов „магичен“ град и заминале со многу импресивни спомени кои ги терале повторно да се врат и да ги почувствуваат духот, убавините и спокојот на овој древен град надвиснат над бистрите езерски води. Ова е градот во кој идеално се склопиле автентичното и модерното .Царскиот град на Самуил, духовниот центар на Светите Наум и Климент, туристичката мека и медина која на сончевите езерски брегови привлекува милиони туристи од земјава и странство“, рече Пецаков.
Новиот Закон за енергетика, според надлежните, обезбедува повисоки стандарди, поголема заштита на потрошувачите и поквалитетни горива на домашниот пазар.
Новинар: Соња Рилковска
