Градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, најави нова иницијатива за директна комуникација со жителите на општината. Како што објави на социјалните мрежи, од оваа сабота започнуваат средби „лице в лице“ со граѓаните во неговиот кабинет.
Сиљаноски истакна дека целта е секој жител на Дебрца да има можност лично да ги сподели своите проблеми, предлози и идеи, со порака дека „никој во Дебрца не смее да биде заборавен, игнориран или оставен сам со својот проблем“.
Тој потенцира дека секој предлог ќе биде внимателно разгледан и дека општината ќе продолжи да работи транспарентно и посветено во интерес на граѓаните.
„Дебрца им припаѓа на граѓаните, а јас сум тука за вас – секој ден, без разлика дали е викенд или празник“, порача Сиљаноски во објавата.
Средбите со граѓаните ќе започнат оваа сабота во кабинетот на градоначалникот.
